По серијата навреди, закани од страна на високиот функционер на ДУИ Бекир Асани кон претседателот на ЗНМ Насер Селмани и вчерашната кфалификација дека е „наше копиле“  во интервју за „Мактел“ бидејќи Селмани го критикувал за инцидентот со полицајката Јаначковска, со жестока реакција се јави главниот и одговорен уредник на „Слободен печат“ и „+инфо“, Бранко Героски.

„Имам порака за Селмани, ако е маж и знае да навреди, тогаш треба да прифати навреда. Ако имало закана од брат ми, не треба да се плаши. Јас сум тој што треба нешто, ако треба за заканите. Не е убаво наутро да е маж, а навечер да легнува како жена. Нека биде маж и нека не оди потоа да плаче по амбасадите. Ако било тоа , да сум прифатил навреда од Насер, нека биде тогаш фитбекот и кон него од мене, изјави уште Асани во интервјуто кое го даде на албански, со помош на преведувач.

Повод за заканите заканите е постот на Фејсбук на Насер Селмани  кој по инцидентот кај „Мавровка“ напиша: „Правната држава клекна пред еден силеџија, поддржан од ДУИ. Владата должи објаснување, кој врши притисок врз полицајката Јасмина Jаначковска да ја смени изјавата за инцидентот кај Мавровка. Ако не ја заштитиме Јасмина, Македонија ќе биде држава на силеџии како Беќир Асани! Брука!“

Во текстот под наслов „И јас сум „копиле” како Насер Селмани“ Героски прашува дали е тоа „за што се боревме“, за живот за насилниците кои слободно и неказнето ќе не навредуваат и заплашуваат? За правото на некои малоумници коишто лажно се претставуваат за новинари и за поддржувачи на новата власт, слободно, преку своите парамедиуми, да ги шират тие закани во етерот и на тој начин да ја дисциплинираат новинарската заедница?

„Колеги новинари, ве повикувам да го прекинете овој малодушен молк и сите заедно најостро да ги осудиме навредите и заканите од лицето Беќир Асани упатени кон нашиот колега Насер Селмани. Веднаш! Без страв! Без скрупули!

Знам дека некои од вас се зафатени со негување на своите нови фетиши, со одбрана на новата власт, со скицирање на “големата слика”. Факт е и тоа дека некои од нас во минатото жестоко полемизираа со Насер за разни прашања. Меѓу нив сум и јас.

Но, сите тие причини сега не можат да го оправдаат нашиот молк. На колегата Селмани, освен што му е потребна поддршка од меѓународниот фактор (ја добива) и 24-часовна физичка заштита од полицијата, најмногу ќе му значи нашата колегијална поткрепа. Апелирам до сите да му ја пружиме!“ пишува Героски.