Геј оргии и децата на политичарите – Пишува Горан Момироски

Во последниве седум-осум години откако почнав да пишувам колумни за портали и за весници во неколку наврати апелирав политичките партии, групи граѓани, невладини, етнички мотивирани групи и други во политичката битка да не прават работи што не би сакале сами да ги доживеат. А тие работи неретко се контра или на работ на законите, на обичајното право и на моралните норми.

Како што сметав дека поранешната власт не смее да апси „како на филм“, така сметав и дека не треба да се протестира пред децата на политичари, бидејќи децата никогаш не се виновни за тоа што го прават родителите. Како што тврдев дека не смеат да се апсат новинари (третопотпишан сум на првото барање до ОЈО за ослободување на Кежаровски, прв е Зоран Димитровски-Жоро), така учествував на протести пред ОЈО заедно со Газменд Ајдини и со Жарко Трајаноски, ако добро паметам (случајот со телефонски закани кон Бранко Героски). Да не зборуваме дека бев против систематскиот и координиран малограѓански муабет познат под кодното име „Халкидики“. Либералната и ЛГБТ „јузер френдли“ елита блиска на СДСМ интензивно со месеци ширеше разни гадотии за високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои, наводно, правеле геј оргии во Грција и за тоа никој во сега владеачката партија не реагираше со осуда.

Затоа, сега кога за министри на СДСМ во пораки на социјалните мрежи се лиферуваат фотографии со „спорна“ содржина и муабети дека имале „дечковци“ – нема одбрана. Преседанот е веќе направен. Некој што вам ви ги направил истите гнасотилаци, ви дал за право да го направите истото тоа.

Принципот „око за око, заб за заб“ е воспоставен. Омразата работи како перпетуум мобиле. Уште ако во оваа специјална војна се искористи методот на крушевскиот градоначалник, кој објаснувајќи ги „љубовните престапи“ на своите вмровски ривали искористи и етничка шема (вмровка се среќавала со Албанец), доаѓаме до стравична слика за дното во кое сме влезени.

Палењето фотографија на претседателот Иванов пред очите на Заев и протестите на СДСМ пред домот на Груевски во кој имаше деца и сопруга сега е еден од горчливите залаци на Владата. Само идиот ќе разбере дека овие чекори се во ред кога сте опозиција, а погрешни кога сте на власт. Уште поголем идиот е тој што мисли дека децата на Груевски се различни од децата на Ременски.

Македонија функционира во стилот „око за око, заб за заб“ и тоа мора да се промени. Заев ја пропушти шансата да промени нешто во тој правец. Можеби се обидел, можеби не може да ја совлада сопствената и омразата на своите сопартијци. Не е ни важно, нему сега му одговара да има тензии, граѓаните да се вознемирени за да не мислат на реалните проблеми, на долгот, на платите, на економијата. Сега на ред е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, преку своето поведение да воспостави фер правила во кои нема да страдаат деца, новинари, хомосексуалци и други маргинални групи.

Ако имате аргументи и принципи, секогаш има добри места каде што може да се протестира. Пред Влада, Собрание, партија, но не пред децата, поради тоа што по методот на имитација и идентификација од нив ќе направиме бесни, незадоволни, фрустрирани граѓани, кои утре не само што ќе протестираат, туку и ќе влегуваат во нечии домови. За наводно да ја исправат „неправдата“ за која никој жив не може да каже кога точно почна. Во времето титово, глигорово, бранково или груево.

2 Коментари

  1. Ova sto e sega nikogas ne bilo… za nepolna godina drzavata e dovedena na rabot na propast … Zaev rakovodi so sobiroci od razni profesii,totalni nepismeni … zatoa na nieden plan nema uspeh – status kvo , a moze i beter

Comments are closed.