Голден Стејт направи серија од 11-0 во завршните 3 минути од третиот натпревар од НБА финалето и со триумф од 118-113 поведе со 3-0. Кливленд пропушти шанса за прва победа дома и треба да жали зошто Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг беа феноменални со 39 односно 38 поена, Леброн имаше и 11 скока и 9 асистенции, но бедната вечер на два члена на првата петорка Кевин Лав (шут 1 од 9) и Тристан Томпсон (0 поени), не остави простор за враќање во серијата.

Од друга страна Кевин Дурент даде седум поена во споменатиот завршен период и повторно броеше преку 30 коша, во овој случај 31 со 8 скока. Близу до него според ефектот, а тоа значи и добро расположени, беа и Клеј Томпсон со 30 и Стеф Кари со 26 поена, па Голден Стејт дојде до 15 победи без пораз од почетокот на плеј офот. Следниот меч е за два дена на теренот во Кливленд, во Квикен Лоунс арената, но никој до сега не успеал да се врати од ваква негатива, па промоцијата на Вориорс во нов НБА првак е прашање на време.

SHARE