„Голема Албанија“ е најголема закана за мирот на Балканот

Loading...

Mинистерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, ја осуди изјавата на aлбанскиот премиер Еди Рама дадена на Косово, во која тој рече дека посакува Косово и Албанија да имаат заеднички претседател.

ЕУ и западните земји „ја забиваат главата во песок“ пред големоалбанската политика, која, според Дачиќ, е најголема закана за мирот и стабилноста во регионот.

„Рама буквално рече дека Албанија и Косово се земја со еден претседател, со заедничка надворешна и безбедносна политика. И никој не го критикува“, изјави Дачиќ за српската новинска агенција Танјуг.

Тој прашува што би се случило доколку некој каже дека Србија со Република Српска треба да има еден претседател и заедничка надворешна и безбедносна политика.

Во обраќањето во косовскиот парламент по повод одбележувањето на 10 годишнината од независноста на Косово, албанскиот премиер рече дека неговата земја и Косово еден ден би можеле да имаат единствен претседател како „симбол на национално единство“ меѓу Тирана и Приштина и дека двата соседа, претежно етнички Албанци, веќе имаат заеднички дипломатски мисии ширум светот.

„Зошто не и еден претседател, како симбол на национално единство?”, праша тој.

Идејата дека сите Албанци треба да живеат во една држава и да имаат еден претседател се доказ за „Голема Албанија” и мора да биде запрена, рече министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, додавајќи дека  ширењето на Голема Албанија мора да биде запрено во Косово и Метохија.

„Ова е причината зошто јас предлагав и предлагам дека разграничувањето меѓу нас и Голема Албанија мора да се воспостави во Косово и Метохија, каде што нејзиното ширење мора да биде запрено“, рече Вулин. „Доколку меѓународната заедница нема храброст да го каже тоа, ќе го кажеме ние“.