Гордан Георгиев: ВМРО недоискажана, СДСМ ветила, ДУИ нестрплива

DIGITAL CAMERA
Loading...

Екс потпретседателот на СДСМ и еден од најнадежните политичари во социјалдемократскиот кампус Гордан Георгиев кој не е дел од оваа владина постава со свој став како да се реши блокадата на Законот за јазиците.

Георгиев очекува(л) лидерот на опозицијата Мицкоски да понуди лидерска средба на која ќе се решат работите со консензус а од ДУИ очекува да направат нешто за македонскиот блок и да се стрпат неколку месеци за да се расчистат работите кај збунетите македонски граѓани.

За СДСМ смета дека мора да го спроведе ветеното на ДУИ за законот за јазиците.

ВМРО-ДПМНЕ недоискажана?!?

Што е поважно? Реформите или Законот за јазиците? За етничките Македонци реформите се поважни, доколку си етнички Албанец можеби е фер да се констатира дека не можеш да направиш приоритет во важноста…

За Законот за јазиците се прилично јасни работите, барем на реторичко ниво. ДУИ инсистира веднаш да се гласа (иако А.Ахмети бил научен да чека и по 150 години), за СДСМ тоа е нелагодно прашање ама е предмет на цврст коалициски договор (уште во септември 2017 година требаше да се гласа според договорот). ВМРО-ДПМНЕ, иако не признава дека Груевски се согласил (најверојатно) со истата содржина на законот, сега игра за публика и ја нагризува владеачката коалиција. Но ВМРО-ДПМНЕ исто така нема суштински проблем со законот за јазиците, тие велат отприлика „треба да има закон, ама ајде полека да го дискутираме, да најдеме подобро и одржливо решение“. Се наметнува заклучок дека самиот закон премногу се „дискутираше“ низ партиско-етничка диоптрија и дека ваквата дискусија создаде хаос во јавноста и недоумица помеѓу граѓаните (особено етничките Македонци и особено околу брзањето да се донесе ваков закон).

ДУИ и А. Ахмети чекаа 11 години под „чизмата“ на Груевски да почнат реформите, и сега (после 150 години чекање) не се важни реформите туку законот за јазици. Наследникот на Груевски вели „нека почнат веднаш реформите, еве ви 2/3 мнозинство, повлечете го законот“. И тука Мицковски, веројатно се’ уште под седативите на неговиот претходник ја прави клучната грешка или (намерна) недореченост. Имено, „непристојниот“ предлог до Заев за бланко поддршка на сите реформски закони не е барање за пад на владата (за тоа ВМРО-ДПМНЕ воопшто не е подготвена!), туку нека си остане Владата ама ајде да ги спроведеме реформите. Но во овој предлог нема НИШТО за ДУИ! Освен некакви реформи за кои на ДУИ многу добро им оди чекањето.

„Пристојниот“ предлог кој требаше да го даде Мицковски (а не го даде, и сакаме да знаеме зошто не го даде!) отприлика би гласел:
„Бараме лидерска средба на која ќе предложиме итно гласање на сите реформски закони со широк консензус, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде гарант за тој консензус. Јавно се обрврзуваме и им ветуваме на нашите сограѓани Албанци, ако треба и потпишуваме, дека на 1ви јуни, после опсежна паралелна дебата за Законот за јазици и негово подобрување, заеднички ќе го гласаме законот во Собрание. Бараме исто така да се формира интер-партиска работна група во Собранието која студиозно ќе работи на законот. Доколку не се усогласиме за законот до 1ви јуни, ќе овозможиме ДУИ и СДСМ да го гласаат во Собранието и за тоа да ги понесат сите позитивни или негативни политички консеквенци. За нас реформите се приоритет, а добар Закон за јазици прифатен со широк консензус е добра работа за сите граѓани на РМ“

Би можел ли А. Ахмети да почека уште 3 месеци и еднаш да изигра и за етничките Македонци, во име на паролата „унија за интеграција“? Или многу му се брза? А зошто му се брза толку? Избори нема да има најрано до пролетта 2019-та…