Последните победи на Македонија на машко ракометно репрезентативно гостување во квалификациски натпревари датираат од пред две години во Швајцарија и од пред три во Грција. Се по тоа, а и доста пред споменатите дуели се, или порази или нерешени. Проблемот се повторува, па селекцијата, сега на Раул Гонзалез се уште не успеала да слави на гостувањата во групата 4 и во овој циклус за ЕП во 2018. година во Хрватска. Впрочем по двата пораза од Чешка и Исланд денешното гостување кај Украина ни е последна шанса.

За среќа не сме под кој знае каков императив зошто ќе имаме и втор обид, нова можност за пласман на Европското и тоа в недела во Скопје против Чесите, а тука сме веќе многу поуспешни, но за мирна завршница, најдобро е попладнево (18.00 часот) да победиме во Суми и веднаш да ги разрешиме сите дилеми околу учеството на новиот континентален собир.

По триумфот на Чешка над Исланд (27-24) вчера што воедно значи и 100 насто на домаќините до сега во нашата група, ние со победа и од само еден гол разлика, сигурно одиме на петто Европско ракометно првенство бидејќи во последното коло ќе имаме два бода повеќе и подобар меѓусебен биланс од селекциите на Украина и Исланд. И сето е лесно да се каже, на хартија, според имињата и искуството, па и според сигурната победа во ноември во Скопје од 27-21, делува и многу реално, но тешко во овој циклус е да се оствари нешто од желбите на туѓ терен.

Украинците кои од почетокот на оваа деценија не биле на голем настан, во мечот во салата на државниот Универзитет во северното градче Суми влегуваат со цел по подолго време да дојдат до некоја завршница, а ние сакаме континуитет на настапите и четврто врзано учество по шампионатите во Србија, Данска и Полска.

Средбата Украина-Македонија е од петтото коло од ракометните квалификации за ЕП и се игра од 19 часот по локално односно 18 часот по македонско време, а го судат Словаците Бруновски и Чанда.

SHARE