Груевска-Маџоска експресно собра илјадници потписи против Законот за јазици

Професорката Симона Груевска-Маџоска покрена петиција на вебсајтот change.org против насила донесениот Закон за употреба на јазиците и само за три часа собра речиси 8 илјади потписи, а бројката расте со голема брзина.

„Денес имаме флагрантно кршење на Уставот. Денес СДСМ и Заев ја поништија волјата на граѓаните. Од оваа одлука никој нема да живее подобро. Само затоа што две партии се договориле, изгласаа неуставен и штетен закон. Ваквиот чекор е удар врз соживотот, некој свесно нè турнува во сценарио во кое влогот е Македонија.

Помогнете Уставниот суд да знае дека МНОЗИНСТВОТО Македонци и Албанци се ПРОТИВ овој закон. Споделете и пратете по пријатели за да нè има во што поголем број кога оваа петиција ќе биде испратена до Уставниот суд!!!“, стои во објаснувањето за покренувањето на петицијата од научниот советник во Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Д-р Груевска-Маџоска со уште неколку универзитетски професорки од самиот почеток на туркање на законот со кој албанскиот јазик станува службен на целата територија на државата од Владата на Зоран Заев ги „бомбардираше“ сите негови недостатоци. Заедно со академик Катица Ќулавкова и со професорката Гордана Силјановска-Давкова, тие упатија отворено писмо до пратениците уште во средината на декември, со кое предупредија дека Законот за јазици ќе ги закочи сите функции на државата.