Груевски до Хан: И од опозиција ќе работиме за влез во НАТО и ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција силно ќе работи Македонија да добие преговори со Европската унија и членство во НАТО. Оваа порака од Брисел денеска ја испрати претседателот на најголемата опозициска партија и поранешен премиер Никола Груевски, по средбата со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, јавува дописникот на МИА од Брисел.

На 45-минутната средба во зградата „Берлемонт“ на Европската комисија, Груевски и Хан разменија мислења за актуелните политички случувања во Македонија со фокус за одблокирање на процесот на пристапување на земјата во Унијата.

– Денеска, по средбата со европратеникот Туне Келам се сретнав со комесарот за проширување Јоханес Хан. Со него разговаравме за состојбата во Македонија и за она што следува. Позиција на ВМРО-ДПМНЕ е дека е крајно време на Македонија да и се овозможи почеток на преговорите за членство во Европската унија, бидејќи направивме многу реформи во минатото, во сите сфери и сектори. Реформи нови секогаш ќе има. Тоа било и така ќе остане за секоја земја и во членките на ЕУ и во земјите што се надвор од ЕУ, но не може постојано тоа да биде изговорот зошто не се отвораат преговорите за членство. ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја предводеше направи крупни реформи. Тоа низ годините беше одобрувано пред да се направат и поздравувано откако се направија тие реформи, изјавил Никола Груевски по средбата.

Според Груевски, тој на Хан му посочил дека треба да има епилог со почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, иако во текот на преговорите ќе има и нови реформи, бидејќи реформите се процес што никогаш не запира. Тој вели дека секогаш може да има нешто ново, да се исправи некоја слабост, нешто подобро да се обмисли и дека и по пет години и по десет, 20 и 50 години, едноставно секогаш ќе има нови реформи.

 

– По толку многу направени реформи, редно време е Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија и да се отстранат пречките. Исто така, наша генерална позиција е дека треба да ја добиеме и поканата за НАТО. Предолго време чекаме и предолго сме блокирани не заради реформите, бидејќи во 2008 година беше кажано дека Македонија ги направи реформите, а не беше поканета во НАТО. Но, темата со Хан беше за Европската унија, а не за НАТО ама јас ја кажав нашата генерлана позиција дека е за членство и во ЕУ и во НАТО, смета Груевски.

Претседателот на најбројната политичка партија во македонскиот Парламент со Хан разговарал и за други аспекти од политички живот поврзан со понатамошните политички процес во Македонија.

– Независно што сме во опозиција, ние остануваме на истиот курс и остануваме да се бориме за Македонија, со сите средства и од позиција на опозиција. Разговаравме и за работи што беа дел од политичкиот живот од минатото, сега и очекувања за во иднината. Но, генерално, фокусот беше на членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, изјавил Груевски.

Попладнево, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ имал средби и со европратениците Едвард Кукан и Андреј Ковачев, каде според него, генерално, дискусиите одеа во правец на тоа колку голем напредок во минатите години направи Македонија, колку реформи беа остварени и колку многу според него беше онеправдана земјата со тоа што не и беше дозволено да ги започне и досега да ги заврши пристапните преговори.

– Да не беше блокадата од страна на јужниот сосед и толеранцијата од страна на Европската унија на блокадата, досега имаше доволно време за преговорите и да започнат и да завршат. Време да се промени таа позиција и да се дозволи на Македонија да оди напред, што ќе биде дел и од моите понатамошни разговори. Секако, овие посети и средби се и претставување не само на нашите партиски позиции претставени во смисла на она што се наши државни позиции, туку и во смисла на нашите планови за во иднина како политичка партија што претендира не само да биде опозиција, туку и брзо да се врати на власт, изјавил Никола Груевски.

SHARE