Грција го стави Нимиц на „стенд бај“, за Атина името не е приоритет

Медијаторот во Грчко – Македонскиот спор за името вчера навечер бил известен од владата во Атина дека нема да биде примен на разговор согласно првичниот план според кој утре требаше да се сретне со премиерот Ципрас и министерот за надворешни работи Коѕиас.

Официјално американскиот дипломат не може да се сретне со грчките претставници поради нивната зафатеност во преговорите за кипарското прашање.

За одложувањето на средбата медијаторот бил информиран по средбата на Нимиц со претседателот Иванов и соопштението од неговиот кабинет според кое Македонија може да преговара само според рамката во ОН која што вели дека се разговара за името а не и за именувањето на нацијата, граѓаните и јазикот.

Неофицијално извори на expres.mk во Атина велат дека ова може да значи дека Нимиц не ги исполнил очекувањата на грчката влада која се надевала дека од Скопје Нимиц во Атина ќе пристигне со нов пакет и со нови умерени позиции на македонската страна која предходно најави дека сака да најде заедничко решение за името со цел земјата да влезе во НАТО.

Според официјалните најави засега средбата на Нимиц е само одложена за краток период но не се исклучува дека таа целосно може да биде откажана поради обврските на грчкиот државен врв во врска со Кипар но и поради незадоволството од грчка страна за непроменетите ставови на Македонија. Едно од сценаријата доколку не дојде до најавената средба меѓу државниот врв на јужниот сосед и Нимиц тој да се сретне со некој од пониските претставници на грчкото МНР.

Преговорите за кипарскиот проблем кои започнаа пред една недела се водат во Кран Монтана каде што кипарски, грчки, турски, британски и претставници на ОН се обидуваат да дојдат до заеднички текст кој би бил основа за почеток на преговори за решавање на статусот на островот кој е поделен меѓу Грција и Турција.

Агендата на шефот на грчката дипломатија Коѕиас е позната уште пред повеќе од еден месец кога беше потврдена сесијата во швајцарското одморалиште при што сите страни во преговорите знаеле дека тие ќе траат најмалку десетина дена. Тој уште пред три дена најави дека денеска ќе учествува на преговорите во Кран Монтана.

Грчкиот премиер Ципрас воопшто не е дел од оваа фаза од процесот во Кран Монтана. Во преговорите за Кипар не учествува ниту грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Пред да стапи на должноста специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите Нации Метју Нимиц повеќе од 20 години беше главен преговарач во турско – грчкиот спор за островот Кипар.

На веб страната на грчкото МНР нема најава кога ќе дојде до закажанат средба со медијаторот.

SHARE