Грција преговара и се подготвува за гласање за името во ОН

Грчкиот премиер Алексис Ципрас наложил формирање на специјална експертска група која што истражува какви се шансите Македонија да добие поддршка за враќање на своето уставно име во светската организација доколку преговорите за името не вродат со плод.

Како што објави ТВ Алфа, група дипломати и професори по меѓународно право прават симулација на евентуално гласање во Генералното собрание на ОН каде што професорот Игор Јанев сугерира Македонија да започне процедура.

Според Јанев кој предава меѓународно право на Белградскиот Универзитет, Македонија треба да ги прекине преговорите и да ги информира Обединетите Нации дека во иднина согласно правилата на организацијата ќе го користи своето уставно име.

Во ова сценарио Јанев тврди дека ОН нема да можат да го одбијат барањето на Македонија затоа што следејќи го преседанот со Португалија од 1948 година за кој има соодветно мислење, ниту една земја не смее да добие дополнителни услови за членство во светската организација.

Според информациите на Алфа од дипломатски извори, грчкиот тим извршил симулација на гласањето во ГС на ОН а првичните резултати се дека Македонија може да добие двотретинска поддршка од земјите членки во евентуално гласање.

Откако ги добил резултатите премиерот Ципрас на министерот Коѕиас му дал налог сите грчки дипломати во Њујорк и во земјите членки да го испитаат расположението на земјите членки особено на тие 137 кои што ја признаваат Македонија под уставното име.

Еден од стравовите на Атина доколку дојде до вакво сценарио е однесувањето на американската дипломатија која е разочарана по дипломатскиот пораз по резолуцијата со која беше осудено признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на САД.

Грција која како и Македонија гласаше против позициите на Трамп сега се плаши дека Вашингтон може да биде рамнодушен кон гласањето и да ги остави своите партнери да гласаат по сопствено наоѓање за грчко македонскиот спор за името.

Македонската страна засега јавно не открива дали ќе ја прифати сугестијата на Јанев кој е поранешен надворешен советник на претседателот Глигоров и кој е дел од неколку тела на ОН.