Грција ќе стане дел од „Берлинскиот процес“ за да спречи изненадување со Македонија

Loading...

Грчките дипломатски служби имаат задача Грција да стане составен дел од таканаречениот Берлински процес кој беше инициран од Германија а кој има за цел да го трасира патот на Западниот Балкан во ЕУ.

Иако Берлинскиот процес започна во 2014 година со конференција во Берлин а потоа продолжи во Виена, Париз и Трст, се досега Грција не покажа интерес да биде дел од процесот.

Ситуацијата е драстично променета по објавувањето на извештајот на Горниот дом на британскиот парламент под наслов „Велика Британија и иднината на Западниот Балкан“ во кој Лондон зборува за проширување на НАТО со нови земји членки со цел да се стабилизира регионот.

Алармот во Атина е вклучен поради членот 43 од извештајот во кој се вели : Владата (британска) треба да ги поддржи мерките за помош на Македонија да влезе во НАТО, со или без решение на спорот за името“.

Промената на желбата Атина да биде дел од Берлинскиот процес се должи на тоа што наредната петта средба на оваа иницијатива ќе се случи во Лондон во јули.

На неа една од темите речиси извесно ќе биде Македонија како можен член на ЕУ и НАТО а Грција нема да сака да пропушти прилика и на овој форум да го каже својот став и да спречи позитивна разврска во алијансата без решено име согласно грчките барања.

Едно од сценаријата е Грција на конференцијата која формално не е дел од Европските институции, да биде вклучена како земја набљудувач и да се бори за правото да стави забелешки на финалниот документ кој ќе произлезе од форумот.

Во Берлинскиот процес членуваат Германија, Австрија, Италија, Франција, Словенија, Хрватска како и сите земји кандидати од регионот, Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.