Грчев знае дека Грција прави гнасна неправда, ама сме немале избор

miroslav grcev intervju

Проблемот со името е грчки, тие се противат на постоењето на македонска независна држава. Дека е во прашање егзистенцијална историска уцена и гнасна неправада, сите тоа го знаеме, но нема алтернатива!

Професорот и претседател на комисијата за спомениците во министерството за култура Мирослав Грчев во колумна објавена во „Слободен печат“ ја соочува македонска јавност со извеснота дека мора да се попушти во спорот за името, не затоа што тоа некој го сака, туку затоа што едноставно мора така да биде.

Во текстот насловен „Република Север-северозападнановогорнамакедоња“ тој неспорно го признава ноторниот факт дека спорот настанал поради грчкиот проблем со нашето име, но дека потоа Грците употребиле техника на префрлање на проблемот во туѓиот двор, односно нивниот проблем се обиделе да го направат и наш.

„Проблемот е оригинерно грчки, зашто тие заимаа проблем со постоењето на нашата независна држава во раните деведесетти – и веднаш се обидоа проблемот да стане наш, а не нивен. Нивниот проблем со нашето име требаше да стане наш проблем со нашето име. Бидејќи тоа не се случи, комшиите го префрлија проблемот во Обединетите нации, но нашето државно водство на чело со Киро Глигоров успеа со Времената спогодба повторно да им го врати нивниот проблем на Грците, да се јадат и секираат по цели ноќи… Но, како и во сите долги и грди приказни, доаѓа до пресврт кога соседот става вето на нашето членство во НАТО и ЕУ, пресврт што може да се нарече дупли салто, зашто успеа проблемот да стане не само наш, туку и на НАТО и ЕУ“ – пишува Грчев.

Во ситуација кога НАТО повторно започна да ги одмерува силите со Русија, оваа организација, пишува Грчев, станала свесена за фактот дека македонската територија – макар формално – е се уште „небранета“ територија, длабоко во позадината на нејзините жешки источни граници.

„Проблемот со името стана суштински проблем и за Европската Унија, не заради љубовта по нашата Македонија, туку поради грижата за сопственото постоење. Имено, како и сите ексклузивни клубови на светот, европскиот клуб на нации практично „живее“ од енергијата на новопристапените членови, од нивните соништа за Европа, исто како и од слаткиот надворешен притисок што го одржуваат оние што уште не станале членки, но тоа страсно го посакуваат. Унијата го прифати проблемот како свој, во моментот кога сфати дека грчкото вето ја става под ризик нејзината безусловна посакуваност „живот што значи“. Елем, кога проблемот со името стана практично нивен проблем, НАТО и ЕУ првин почнаа да се однесуваат рационално и да вршат притисок на Грција да не им го попречува растежот, но веднаш потоа, откога ВМРО и Груевски со малоумната александризација ја „рационализираа“ грчката параноја, тие почнаа да се однесуваат прагматично и – погодете! – го применија лекот на Фата: го префрлија проблемот во библиската земја“ – објаснува тој.

Со префрлањето на проблемот во нашето двориште, според професорот, настанала ситуација во која нашите пријатели од Сојузот и Унијата обилно ни даваат до знаење дека проблемот е, безмалку, единствено наш, но дека нивната подготвеност за помош во неговото решавање, исто како и наградата за успешното окончување на спорот, не треба да се доведува во прашање.

„И – крај, господа: да имаше некој алтернативна визија за нашата иднина без да го решиме спорот со комшиите, да можеше да се препознае силата што ќе го гарантира нејзиното остварување, тогаш, можеби, ќе имаше и зошто да се зборува. Но, бидејќи таква алтернатива никој во земјава не изрече (освен поединечни будалетинки чијшто збор не дофрла ни колку плунката во која е спакуван), нам ни останува само да „весламе“ со бранот на историските тенденции. Тоа е реалност што малите земји мораат да ја препознаат исто како и во Хегеловата универзална дефиниција на слободата – како спознавање на нужноста“ – поентира професорот познат по склоноста во своите текстови редовно да користи различни филозофски дефиниции, математички и физички закони и латински поговорки. А за крај ја остава очигледно суштинската причина за пишувањето на оваа колумна, имено пораката дека и покрај сета неправда, ние немаме избор и мораме да попуштиме;

„На крајот: дека грчкиот проблем со нашето име произлегува од нивното почетно неприфаќање на нашето постоење – тоа сите го знаеме. Дека ни е проблемот наметнат во вид на егзистенцијална историска уцена – и тоа ни е познато. Дека се работи за гнасна неправда – и тоа ни е јасно. Но, дали тие сознанија ни помагаат да го решиме проблемот? Не! Затоа, помеѓу нашето име и нивното Републикасеверсеверозападнановогорнамакедоња, мора да се најде разумен компромис. А, што е разумен компромис – сите знаеме.“ – завршува Грчев.