Грчкиот и бугарскиот претседател од Атина со барања до Македонија

Бугарија и Грција ќе продолжат да работат заедно во интерес на посилна и постабилна ЕУ затоа што тоа е иднина за Европа а во исто време ќе го поддржуваат процесот на европска интеграција на Западниот Балкан, се согласиле денеска во Атина бугарскиот  и грчкиот претседател Румен Радев и Прокопис Павлопулос.

Двајцата претседатели зборувале и за позицијата на Македонија во процесот на евроинтеграциите. Пораките до Македонија се недвосмислени , без прифаќање на историјата како што ја гледаат Софија и Атина нема влез во ЕУ и НАТО.

„Предуслов за поддршката на нашите соседи за евроатланска интеграција е почит за меѓународното право, европските постигнувања и историјата која што е доказ за нашите добососедски односи“, изјавил Прокопис по средбата, пренесуваат грчките медиуми.

Грција ја прекрши времената спогодба од 1995 година со ветото во Букурешт а не ја прифаќа ниту пресудата на Меѓународниот суд во Хаг од 2011 година кои што се составен дел на меѓународното право за кое говори Прокопис.

Со овој став се согласува и бугарскиот претседател кој пред два дена се сретна со премиерот Заев во Софија.

„Тие мора да ги исполнат критериумите за членство и уште нешто многу важно за Балканот, добрите односи со соседите и взаемна почит за историјата што е предуслов за почеток на преговори за членство (во ЕУ)“, порачал Радев од Атина.

Ова е прва посета на Радев на некоја земја од регионот откако во јануари стана претседател на Бугарија.

SHARE