Дајнов: Бугарија да преземе дел од одговорноста за македонските Евреи

Loading...

Евгениј Дајнов, бугарски политолог, го отфрла традиционалното гледиште во Бугарија дека таа нема ништо со депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна, според кое на таа територија тогаш дејствувала германската фашистичка власт, а не бугарската.

„Историски факт е дека чиновниците што ги правеле списоците на македонските Евреи, полицајците што ги обезбедувале станиците биле бугарски службеници на бугарската држава и оти железничките композиции биле на бугарските државни железници. И поради тоа свое учество темата е многу остра, многу тешка и избегнувана со децении наназад. Немаше зошто некакви националисти да скокаат во ситуација кога, очигледно, Бугарија прави чекор кон прифаќање некаква одговорност за тоа како држава каква што имала“, изјави професорот за бугарското радио „Фокус“.

„Треба да се преземе одговорност, да се каже јасно дека бугарската држава соучествувала во таа работа. Но, има коренита разлика и тука треба да се гледаат нештата. Во самата Бугарија нема окупациска германска армија. А кога немаш окупациска армија доста полесно е да постигнуваш секакви политички резултати, дури и спасување на Евреите, отколку во Македонија, во која имаш директна германска окупациска армија. Таму е доста потешко, дури и да сакале претставниците на бугарската држава да го попречат тоа, па соучествувале. Во тоа е разликата“, додава Дајнов.

Според бугарскиот политолог, „преку прифаќањето на дел од одговорноста, а не на вината, се прифаќа дел од одговорноста во разумна мера и тоа ќе доведе до многу побрзо подобрување на односите со Македонија, која, сепак, е братска држава и ние би требало да имаме интерес за колку што е можно подобри односи со Македонија. Тоа е одговорна позиција“.