„Да се прости, да не се заборави“ – пишува Димитар Чулев

Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, околу 7.200 Евреи од Македонија (од Скопје, Битола и Штип) или нешто повеќе од 98 отсто од вкупното еврејско население во Македонија биле уапсени од тогашната бугарска власт и затворени во скопскиот Монопол (магацините на тутунскиот комбинат Скопје) од каде што во наредните денови со товарни вагони биле депортирани во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка во Полска. Таму, речиси сите заршиле во гасните комори на еден од најозлогласените логори на смртта.

Во спомен на оваа трагична ноќ за македонските Евреи, бугарскиот премиер Бојко Борисов утре ќе допатува во Македонија и заедно со македонскиот Зоран Заев ќе положи венец на споменикот на депортираните во Треблинка пред 75 години.

Борисов е првиот бугарски премиер кој учествува во одбележувањето на годишнината од депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Македонија. Во официјалната бугарска делегација за церемонијата се вклучени и претставници на еврејската заедница, пренесува бугарскиот „Дневник“.

„Треба да се прости, но не треба да се заборави“ вели една често повторувана еврејска поврзана со холокаустот.

А доаѓањето на бугарскиот премиер е за поздравување и знак дека, 75 години подоцна Бугарија ја надминува непријатноста од соочување со овој дел од историјата која и припаѓа на една ненародна предавничка и колаборационистичка власт со нацистичката влада во Берлин во текот на Втората светска војна.

„За време на Втората светска војна Бугарија ги спасила своите 48.000 еврејски граѓани, но не успеала да го запре депортирањето на 11.323 лица од териториите на денешна Грција и Македонија, администрирани во тоа време од Третото бугарско царство“, пишува бугарскиот весник.

Имено, историјата го памети отпорот на Бугарската православна црква, на добар дел од интелектуалците и на граѓанство кон прашањето на депортацијата на 48.000 Евреи, нивни соседи пријатели и сограѓани.

Но, историјата го памети и „Законот за заштита на нацијата“ од 1941 година со кој извршната власт на царство на Борис Трети, го уредувал „статусот“ на Евреите и на нивниот имот во тогашна Бугарија и на окупираните делови, како и организираниот попис и прецизна операција за депортирање на Евреите од окупираните Тракија (4.000 лица) Македонија (7.200) и јужна Србија (3.000) кон „Треблинка“.

Богдан Филев, премиерот на бугарската влада во тој период, во едно писмо од август 1942 година испратено до Јоахим фон Рибентроп министер за надворешни работи на Третиот рајх, (екзекутиран по 4 пресуди на Нирнбершкиот процес во 1946) побарал Германија „да ја прочисти Бугарија од 60.000 Евреи на нејзината територија“. Следувал одговор во почетокот на септември дека „редот на Бугарија ќе дојде кон март 1943 кога Треблинка целосно ќе биде снабдена со нови гасни комори и крематориуми„ и совет до премиерот „населението да биде подготвено“.

За среќа ова не се случило поради отпорот на веќе споменатата бугарска црква, бугарската опозиција на чело со Димитар Пешев, интелектуалците и населението кое не било подготвено да учествува во тоа.

Но, сепак не успеалe да го запрaт депортирањето на 11.323 лица од териториите на денешна Грција и Македонија администрирани од тогашното царство.

Следеа обиди за заборавање на овој тажен дел од историјата: Во 1996 година бугарските Евреи кои живеат во САД, во чест на Борис Трети и спасувањето на 50.000 бугарски Евреи, подигнале „Бугарска шума“ во Израел. Како дел од истата иницијатива биле подигнати и споменици на царот, на царицата Јоана…

На стокхолмскиот Меѓународен форум за холокаустот што се одржа во периодот од 26 до 28 јануари 2000 година, бугарската делегација, предводена од тогашниот претседател Петар Стојанов, побара да ѝ се оддаде на Бугарија „специјално признание затоа што добро ги третирала Евреите за време на Втората светска војна“.
Организаторите го отфрлија таквиот предлог, а организациите на Евреите од Грција и од Македонија со докази написмено го демантираа…

Како резултат на реакциите на Израелците со македонско потекло и на бугарски интелектуалци, откако биле преиспитани сознанијата за депортацијата на Евреите од Македонија, Тракија и Поморавјето, со наредба на претседателот Шимон Перез, сите споменати споменици во Израел биле отстранети.

Во 2008 година Георги Прванов, претседател на Бугарија, при посетата на Израел ја признал „вината“ за депортацијата на Евреите од Македонија, Тракија и Поморавјето во логорите на смртта, а израелскиот „Хаарец“ на 28 март таа година осамна со наслов „Бугарија ја прифати вината за 11.000 жртви на холокаустот“.

Прванов е прв бугарски државен функционер кој јавно ја признал вината на неговата земја за учество во она што им се случувало на Евреите во Втората светска војна. Во врска со ова, во Ерусалим тој изјавил:

„Додека оправдано се гордееме со направеното за да ги спасиме Евреите, не треба да заборавиме дека во исто време во Бугарија имало антисемитски режим и не треба да бегаме од одговорноста за судбината на повеќе од 11.000 Евреи кои биле депортирани од Тракија и од Македонија во логорите на смртта“.

 

 

 

Дури во октомври 2008 година, македонската држава успеа да се избори и да стави спомен-обележје на локацијата на остатоците на некогашниот конц-логор и да им оддаде почит на своите Евреи.