Делчево како Ел Дорадо за жителите на Благоевград пред Велигден

Тоа што до пред десетина години беа бугарските погранични градови за Македонците, денес се македонските покрај источната граница за Бугарите, кои масовно доаѓаат на пазарување поради пониските цени.

За тоа зборува и написот во бугарскиот весник „Монитор“ за живата комуникација меѓу жителите на Делчево и на Благоевград, засилена пред велигденските празници благодарејќи на многу пониската цена на јагнешкото месо во Македонија. Масовниот „егзодус“ на јагниња, како живи, така и заклани и готови за печење, се должи на тоа што цената на сточниот пазар во Благоевград е фиксирана на шест лева (околу 180 денари) за килограм жива мера, а во Делчево 90-120 денари. Јагнешката плешка во месарниците во Благоевград се продава за 13,5 лева (околу 400 денари), а бут за 14 лева, додека во Делчево заклано и исчистено јагне чини 270-300 денари.

Друга поволност за жителите на Благоевград е тоа што можат по телефон да порачаат јагне кај соседите од Делчево и во договорениот ден и час си го земаат свежо заклано. Тоа го користат сопствениците на продавниците од другата страна на границата, кои потоа го продаваат јагнешкото по речиси двојна цена во однос на овдешната.

Бугарите купуваат од Делчево и јајца, домати, краставици, жолта ракија, си ги прават забите двојно поевтино отколку кај нив, а можат да пазаруваат и во левови, пишува „Монитор“.

Делчевци, пак, на кои Благоевград им е оддалечен 40 километри, а граничниот премин само 15 км, од соседниот град во Бугарија најчесто купуваат смартфони, таблети и лаптопи за речиси тројно пониска цена од тука.