Денес трето читање за Законот на јазиците, неизвесно присуството на ВМРО-ДПМНЕ

Законот за употреба на јазиците денес ќе се најде на дневен ред на на продолжението на 32 седницата што ја закажа спикерот на Собранието Талат Џафери.

Се очекува расправа по 35.000 амандмани поднесени од пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ .

Доколку се отвори амандманска расправа, може да се очекува и учество на пратениците на оваа партија која ја бојкотира работата на Собранието поради притворените шест пратеници под обвинение за учество во настаните од 27 април минатата година.

Ослободувањето од притвор на шесте опозициски пратеници и натаму е услов за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, а оваа порака викендов ја испорача партискиот претседател Христијан Мицкоски на одделните средби најпрво со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а потоа и со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Во однос на Законот за употреба на јазиците нивните ставови, судејќи според изјавите од средбите, остануваат дијаметрално спротивни.