Дербито за титулата Шкендија – Вардар може да биде откажано

За утре е предвиден стартот на вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, во која по 18 кола Шкендија води пред Вардар со 8 бода предност.

Средбата во Тетово, која може да го оддреди шампионот, според последните снежни врнежи може и да не се одигра, зошто теренот на Градскиот стадион во Тетово попладнево беше прекриен со снег во висина од 20 сантиметри. Домаќините прават напори и постојано го чистат теренот, но вечерва снежните врнежи продолжија, па сосема е неизвесно дали утре воопшто ќе има услови на натпревар. Упатените се плашат дека и да запре снегот или тој да биде исчистен пред терминот за старт, а тоа е 14 часот, условите за игра нема да бидат „нормални“.

Шкендија имаше импресивна есен со 15 победи и вкупно 46 бода, а Вардар нареди четири порази и остана на 38, па разликата делува доста висока, иако до крајот на шампионатот има уште токму половина, 18 рунди.