Дизелот повторно под 50 денари

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија донесе одлука за намалување на цените на бензините за три, а на дизелот за два денари по литар.

Од утре за еуросупер БС-95 и 98 ќе плаќаме по 63 односно 65 денари за литар, а за еуродизел Д-Е V 49 денари. Според образложението на комсијата ова сериозно намалување на цените на нафтените деривати во просек за 6,71% во малопродажбата е по заслуга на здруженото влијание на намалувањето на цената на суровата нафта на светските пазари во изминатиов 14-дневен период во просек за 5,45%, на вредноста на доларот за 2,20% и на референтните цени на дериватите – на бензинот за 7,61% и на дизелот за 5,52%.

Последен пат волку големо намалување на цените на горивата кај нас беше забележано на средината на ноември, кога сите цени се намалија за 3 денари. Но не траеја долго – до почетокот на годинава тие поскапеа за 7 односно 6,50 денари по што повеќе или помалку следеше стабилен период со блага тенденција на пораст.

Најниски цени за горивата плаќавме на почетокот на ланската година кога литар бензин чинеше 8, а литар дизел 10 денари помалку отколку сега. Највисоки пак – да не се повторат – цените на дериватите беа во 2013-та, кога литар бензин кај нас чинеше 83,50, а литар дизел 73 денари.