Диогарди се заканува – Без Тиранска платформа нема НАТО и ЕУ

Албанско-американската граѓанска лига на поранешниот американски конгресмен, Џозеф Диогарди, преку петиција бара Македонскиот парламент итно да ја имплементира таканаречената Тиранска платформа, со објаснување дека нема да има траен мир и стабилност во Македонија се додека Албанците немаат еднакви права со Македонците.

Во текстот на петицијата објавен од новинската агенција на албански јазик ИНА се вели дека лидерите на албанските политички партии во владата предводена од Социјалдемократскиот лидер Зоран Заев, во јуни 2017 година се сретнале во Скопје за да се потврди дека “Албанската Платформа“ ќе стане дел од владината агенда. Тие го повикуваат македонскиот парламент веднаш да ги спроведе двете компоненти на Албанската платформа.

-Направете го албанскиот втор службен јазик во Македонија. На 11 Јануари 2018 година македонскиот парламент гласаше за албанскиот јазик да стане втор службен јазик кој Албанците ќе можат да го користат во сите државни институции. НА 17 јануари претседателот Ѓорѓе Иванов стави вето со објаснување дека вториот официјален јазик е закана за македонското единство, суверенитет и територијален интегритет. Го повикуваме премиерот Заев и парламентот да го прегазат ветото на претседателот – се наведува во петицијата.

.Во втората точка од “Албанската Платформа“ за која Албанско-американската Лига бара итно спроведување е, децентрализирање на финансирањето на општините. Тие сметаат дека, нееднаквоста помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци – на пример во образованието и здравството – е политички конструирана.

-Завршувањето на дискриминацијата на етничките Албанци преку обезбедување на еднакви можности за економски и социјален развој во области со етничко албанско мнозинство може да се постигне преку децентрализација на федералниот буџет, стои во образложението на Албанско-американска граѓанска Лига.

Уште повеќе Граѓанска лига на поранешниот конгресмен, Диогарди, ги повикува САД и Европа да не ја примат Македонија во НАТО и во Европската унија се додека албанската платформа не биде целосно имплементирана.

Албанско-американската граѓанска лига, основана во 1989 година, е единственото регистрирано волонтерско лоби во Вашингтон, кое како што се вели во текстот ја претставува загриженостите на американските Албанци за националната кауза на седум милиони Албанци кои живеат рамо до рамо во Косово, Македонија, Црна Гора, Албанија, Прешевската долина , и Чамериjа (Северна Грција).