Помирување: Директор од СДСМ се фали со капитални инвестиции на ВМРО -ДПМНЕ

Новиот 28 годишен в.д.  директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски во својата биографија објавена од владата се пофали дека како претседател на комисијата за локален економски развој директно учествувал во носењето на важни одлуки за граѓаните поврзани со капитални инвестиции во општина Кисела Вода.

Во општина Кисела Вода во последниве неколку мандати на власт е ВМРО – ДПМНЕ и сите капитални инвестиции за кои зборува Каевски се спроведени од локалната извршна власт. Против дел од инфраструктурните и други капитални инвестиции протестираше и партијата на Каевски која што често пати ја обвинуваше вмровската администрација за корупција и несоодветно сервисирање на потребите на граѓаните.

Во другиот дел од биографијата пишува дека Каевски како млад економист  ја започнува својата кариера во 2012 година со работа во геодетско друштво а неговиот долгогодишен активизам за правата на младите во Македонија значително придонесува кон развој на младинската критичка мисла и кон промоција на младинското учество во решавањето на проблемите на државата.

Учествува на неколку форуми и тренинзи во организација на светски познати институти како што се, ИРИ – Интернационалниот Републикански Институт, Моментум од Велика Британија, Фридрих Еберт од Германија, кадешто професионално се надградува и разменува знаења и искуства поврзани со младинските политики.

Од 2014 година како потпретседател на СДММ, Дарко Каевски ја застапува oорганизацијата како полноправен член во рамки на Националниот Младински Совет на Македонија.

Каевски остварува значаен придонес во јакнењето на соработката помеѓу младите луѓе од Македонија и Кина за што добива сертификат од највисока чест од кинеската дипломатија.