Дијаспората не мирува: Нов протест за името на 18 март во Торонто

По протестите во одбрана на уставното име на државата и на идентитетот на македонскиот народ во 15 града на три континента низ светот, македонската дијаспора не запира тука – Македонците од Канада се подготвуваат за нов мирен собир на 18 март во Торонто.

Маршот организиран од Обединети Македонци-Канада ќе се одржи од 13 до 16 часот по локално време во Квинс Парк, а се најавува поголема масовност од тој на 6 февруари, бидејќи е поддржан и од други организации, комитети и цркви на македонската заедница во земјата на јаворовиот лист.

„Обединети застануваме заедно во поддршка на нашите семејства и пријатели во Република Македонија и низ светот. Ќе одржиме мирен, но патриотски собир во Квинс Парк во центарот на Торонто за да му порачаме на светот дека нема да преговараме за нашето име, за нашата историја и за нашиот македонски идентитет. Нашето име е Македонија“, се вели во прогласот.

Истиот ден ќе протестира и грчката дијаспора од САД во Њујорк под мотото „Македонија е една и само грчка“.

 

1 Коментар

Comments are closed.