Дневник: СПЦ и ПОА со свои надежи од македонската криза

Loading...

Српските владици, најверојатно, ќе подотворат врата за меѓуцрковните преговори со Македонската православна црква на нивниот Сабор, кој вчера започна во Белград, водејќи се и со верувањето дека новата македонска владина коалиција предводена од СДСМ ќе го смени ставот кон црковниот спор. Вакво нешто може да се очекува доколку се анализираат актуелните меѓуцрковни релации и меѓусебните пораки и контакти кои беа пратени во изминативе месеци меѓу двете цркви, пишува Дневник.

Најголемите сигнали за отворањето на дијалогот, кој требаше да започне уште минатата година, со ослободувањето на Јован Вранишкоски од затвор, во изминативе два месеца дојдоа врзано со и токму од неговата Православна охридска архиепископија која е дел од Српска православна црква. Познато е, неодамна пред македонските судови беше ставена точка во судскиот спор околу „перење пари“ а во кој како обвинет се јавуваше токму Вранишкоски и неговите блиски соработници. Тие сега се на слобода и со тоа е исполнет најважниот услов којшто го поставуваа српските владици за обновувањето на дијалогот

-ПОА нема да го попречува процесот на преговори за статусот на МПЦ која си уште не е призната од ниту една православна црква, а кој до сега не можеше да се оствари токму поради режимските судски гонења на нашите членови. Сепак, упорно ќе се бори, заедно со новите власти, кои тоа го најавуваат, против расипаните судии, што стојат на патот на развојот на демократијата во нашата татковина – соопштија по ослободувањето од судското гонење Вранишкоски и неговите приврзаници

Надежта во новите власти, односно, во СДСМ и во нивниот лидер Зоран Заев од страна на српската автономна верска групација во Македонија уште повеќе беше потенцирана во неодамнешното велигденско обраќање на Јован Вранишкоски. Посланието, практично, беше негова отворена политичка поддршка на новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и напад врз досега владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, пишува весникот.

– И нашата татковина денес е на крстопат на кој е доведена поради неуспешна политика на оние што се занимаваат со неа. Нема да заборавиме дека токму тие политичари кои ја доведоа нашата татковина во ваква мизерна состојба, претходниве години правеа си за да ја држат што е можно подолго на крст нашава Црква. Со Бога битката ја загубија, Црквата остана и опстана зашто таа не е од човек, но што ќе биде со нашата татковина? За жал, таа не е Црква и не ~ е обезбедено со сигурност место во вечноста. За долго да опстане, за ние да имаме полза од управувањето со неа, треба да имаме одговорни политичари, политичари што се подготвени да служат на граѓаните – потенцира во обраќањето Вранишкоски додавајќи и тоа дека „некои мислат дека власта ја добиле со тестамент од родителите, па имаат неотуѓиво право на неа“.

Тој, инаку, минатата година ги поддржа и протестите на „Шарената револуција“.

Неодамна и приврзаниците на Вранишкоски преку социјалната мрежа „Фејсбук“ го повикаа СДСМ да поведе истрага против МПЦ-ОА бидејќи таа „не само што настапувала против СДСМ туку и против државата“. Партијата на Заев ја потсетиле и на тоа дека ветувала дека ќе расчисти со „криминални структури на ВМРО-ДПМНЕ и со оние кои се поврзани со нив“. „Дневник“ пишуваше дека ваквото барање предизвика негативни реакции во редовите на самата ПОА поради неприфатливите обиди таа отворено да се стави на страна на една политичка партија.

СДСМ досега не одговори на прашањата на „Дневник“ дали им се прифатливи ваквите ставови и пораки кои доаѓаат од српската црковна експозитура во Македонија. Лидерот на социјалдемократите Заев неодамна во интервјуто за српски „Kурир“ излезе со ставот дека „Македонците и Србите се ист народ“. Kакви последици по статусот на ПОА во земјава, која постојано се жали на свој нерегистриран статус во земјава, тоа може да предизвика останува да се види. Оваа партија најави и генерален реизбор на сите судии во земјава, а што сигурно нема да ги одмине ниту надлежните судии за регистрација на верски заедници и религиозни групи во Основен суд Скопје 2. Во пораките кои ПОА ги праќа до СДСМ сигурно се вградени и желбите новоизбраните судии да овозможат нивна регистрација и со што би се нанел удар на МПЦ-ОА, која, како с` уште непризнаена православна црква во православното семејство, со црковен Белград треба да преговара околу свој статус.

Од друга страна, во прилог на подобрувањето на климата за преговорите сигурно ќе оди и убавиот гест на македонските владици кои подариле на СПЦ мало парче од моштите на големиот светител Јован Владимир. Владиката Тимотеј, кој го предаде подарокот за новата црква во црногорскиот град Бар вчера ни изјави дека с` уште немаат најави што би можело да се случи.

– Условите кои се поставуваа пред нас се исполнети – изјави кусо тој за Дневник.

ИГРИ ЗА ВЛАДИКАТА ГРИГОРИЕ

Во српските медиуми деновиве се информира дека собирот во Белград нема да биде ослободен од внатрецрковните игри, посебно за хеврцеговачко-захумскиот владика Григорие. Тој во српските црковни кругови има статус на личноста која е блиска со САД и со меѓународните фактори, а што не им е по волја на другите владици кои често зборуваат против НАТО и ЕУ.

За овој владика кој е дел од преговарачкиот тим за преговорите со МПЦ се шпекулира дека ќе биде префрлен во Дабробосанска митрополија, чие седиште е во Сараево, но која е значително послаба по свое влијание во црковната хиерархија.