Хамбург се подготвува за ескалација на насилство на протестните собири закажани за петок и сабота за време на самитот на Г-20. Во првиот обид за обединување на анархистите, полицијата успеа да ја растера толпата со користење водени топови, но предупредува дека демонстрантите може да скријат оружје на тајни локации во градот. Од полицијата знаат и соопштуваат дека во градот “ќе се одржат мирни протести, но постои можност за масовни немири”, а канцеларката Ангела Меркел ги повика демонстрантите “да ги искажат своите ставови, но на мирен начин”.


Властите во вториот по големина град во Германија се подготвуваат за доаѓањето на светските лидери, вклучувајќи ги Доналд Трамп, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, како и за собирањето на неколку илјади демонстранти. Меѓу нив доминираат антикапиталистичките активисти, но има и дел од средната класа луѓе кои сакаат да го искажат своето незадоволство. Според Гардијан, полицијата очекува околу 5.000 демонстранти, кои би можеле да станат насилни, и кои ќе се соберат на митингот наречен “Добредојдовте во пеколот” закажан во време кога светските лидери и меѓународната делегација ќе разговара за светските проблеми во Хамбург.

Началникот на полицијата во Хамбург Мартин Ралф Meјер изрази загриженост дека постои можност за масовни безредија кога анархисти од Скандинавија, Швајцарија и Италија ќе им се приклучат на локалните активисти. Пред самитот, полицијата заплени ножеви, безбол палки и сомнителни шишиња полни со запалива течност и непознати хемикалии, и тоа на различни локации во градот и неговата околина. Тој се сомнева дека пронајденото е само мал дел од скриеното оружје што ќе се користи за време на протестите.

“Постојат докази дека на протестите, како што се стравуваше и очекуваше, ќе има насилство”, вели Мајер.

SHARE