Дрво Гинко на местото на Ќосето

На местото на отстранетиот споменик на Ќосето ќе се насади дрво од видот Гинко, сопшти вчера градоначалникот Петре Шилегов.

Споменикот на Андон Дончев, беше отстранет во ноќта помеѓу средата и четвртокот и однесен во некој од магазините на некогашниот Металски завод „Тито“.

„Гинко (Ginkgo biloba) е дрво кое потекнува од пред 225 милиони години, а во леденото време тоа успеало да преживее само во Кина. Гинкото се одликува со голема отпорност на екстремни услови (отрови, загадувачи, радијација, инсекти итн.). Цената на едно дрво Гинко изнесува околу 5000 денари во зависност од староста и висината“, пишува „Фокус“.

Тоа е често познато како „жив фосил”, бидејќи потекнува од пред времето на диносаурусите, во Кина се култивира со илјади години и има посебен статус во будизмот и кај следбениците на Конфучије, познатиот кинески учител, книжевник, политичар и филозоф .

Секоја година на есен, масивните лисја од дрво преминуваат од зелена во златно-жолта боја, создавајќи спектакуларен „океан од злато“.

Шилегов соопшти и дека Град Скопје преку јавна набавка во соработка со Министерството за животна средина и ЈП „Паркови и зеленило“ Скопје ќе набави нови дрва од повеќе видови во вредност од 650.000 евра кои ќе бидат насадени на различни локации.