Европска унија со домашна задача од 14 точки за Западен Балкан

Домашна задача од 14 точки во областа на безбедноста и на миграцијата, која мора да ја завршат до 2020 година, ќе добијат шесте претенденти од Западен Балкан за членство во Европска унија, решија министрите за внатрешни работи на Унијата.

По истекот на дадениот рок Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово ќе бидат анализирани поединечно, точка по точка, за исполнувањето на наложените мерки за сузбивање на илегалната миграција, на организираниот криминал и на трговијата со оружје.

Првите луѓе на министерствата за внатрешни работи на 28. членки на ЕУ го поддржуваат претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, кој минатата недела ги посети шесте земји, дека „сите услови мора да бидат исполнети“, но некои од министрите не се согласуваат со целниот датум 2025 година за влез во Унијата.

„Мислам дека не би требало да се наведуваат датуми и да кажеме дека до 2025 година треба сè да биде завршено. Правилниот пат треба да биде тој сите земји што сакаат во ЕУ да ги исполнат неопходните услови со сопствен труд. Тогаш може да се реши дали се подготвени за ЕУ“, изјави министерот за внатрешни работи на Германија во заминување Томас де Мезиер.

За исполнувањето на потребните стандарди шесте земји од Западен Балкан годинава ќе поделат малку повеќе од една милијарда евра како претпристапна помош, а меѓу 2007 и 2017 година за таа цел ЕУ ќе потроши вкупно девет милијарди евра.