Албанскиот премиер вчера, изјави дека неговата земја и Косово еден ден би можеле да имаат единствен претседател како „симбол на национално единство“ меѓу Тирана и Приштина.

Во забелешката, која сигурно ќе го разлути Белград, Еди Рама истакна дека двата соседи, претежно етнички Албанци, веќе имаат заеднички дипломатски мисии ширум светот и додал:

„Зошто не и еден претседател, како симбол на национално единство?”, пренесува „Euroactiv“.

Рама имаше обраќање во косовскиот парламент по повод одбележувањето на десетгодишнината од едностраното прогласување независност на земјата од Србија, потег што го признаа повеќе од 110 земји, но не и Белград или Москва.

Србија постојано ја обвини Тирана дека сака да изгради „Голема Албанија“, аспирација што се негира од албанските власти.

Напорите за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, започнати во 2011 година, во моментот се блокирани.

Рама рече дека гледа иднина во која „Албанците и Србите ќе коегзистираат … како две земји со добрососедски односи и како составен дел на Европската унија“.