Некогашниот директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џејмс Вулси, во телевизиско интервју сугерираше дека САД се мешаат во избори во други држави.

Прашан на „Фокс њуз“ дали САД се мешаат во избори во странство, Вулси одговори „веројатно“ и додаде: „само од многу добра побуда, во интерес на демократијата“.

„О, веројатно, но тоа е само за доброто на системот, за да се избегне комунистите да надвладеат“, ѝ одговори тој на Лора Ингрем во нејзиното шоу.

Коментарот на директорот на ЦИА од 1993 до 1995 година, кога претседател на државата беше Бил Клинтон, дојде откако 13 лица и три групи, сите од Русија, се обвинети за наводно мешање во американските претседателски избори во 2016 година.

Руската амбасада во Велика Британија на „Твитер“ прокоментира: „Тоа кажува сè“.