Директорот на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ,е избран за заменик претседател на Советот за товарен транспорт на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ).

На генералното собрание на оваа најголема транспортна асоцијација во светот со седиште во Женева, Милев е назначен на висока позиција во едно од најзначајните тела на ИРУ со што, на АМЕРИТ како и на Република Македонија, им се оддава високо признание и почит за досегашното активно учество во работењето на разните комитети и совети на ИРУ, како и за заедничката организација на АМЕРИТ и ИРУ на неколку транспортни работилници и конференции во нашата земја и во регионот.

Првиот човек на АМЕРИТ, Емил Милев има долгогодишно работно искуство во Царинската управа на Република Македонија, и тоа на повеќе различни позиции, а  имаше свој ангажман и во СЕКИ Центарот во Букурешт – Романија, како офицер за врски на Република Македонија.

„Изборот претставува огромна чест и за мене, но и за АМЕРИТ. Ќе дадам сè од себе да ги оправдам изборот и довербата што ми се укажани и можам да ветам дека со својот ангажман во извршувањето на оваа функција ќе дадам силен придонес во свое и во име на АМЕРИТ за унапредување на вредностите на ИРУ“, вели Милев и додава дека АМЕРИТ ќе продолжи да придонесува во работата на Меѓународнаста унија со спроведување на важни проекти во Република Македонија, неопходни за подобрување на транспортната индустрија кај нас, во регионот и пошироко во светот.

На состанокот во Женева, членовите на ИРУ едногласно повторно го избраа Кристијан Лабро за претседател на Меѓународната унија за патен транспорт ИРУ, за втор двегодишен мандат, до крајот на 2019 година.

Раду Динеску од Романија беше избран за претседател на Советот за стоков транспорт, а Џо Салс, за претседател на Советот за патнички транспорт на ИРУ.