Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека неговата земја не отстапува кога еднаш ќе донесе одлука, осврнувајќи се на признавањето на Македонија под уставното име.

„Тука не постои двоумење. Ние бевме првата земја што ја призна Македонија под уставното име. Каде сме денес, таму ќе се наоѓаме и понатаму. Турција никогаш немаше колеблив став во дипломатијата. Ние кога донесуваме одлука, умираме, но не отстапуваме од тоа“, изјави Ердоган по денешната средба со македонскиот колега Ѓорге Иванов во Анкара.

Шефот на турската држава нагласи дека „зачувувањето на спокојството и мирот во Македонија, која е огледало на Балканот, претставува многу значаен пример за регионот“.

На поканата од Иванов, Ердоган истакна дека, ако има соодветна програма, во мај ќе ја посети Македонија.