ЕУ да го исполни договореното со Турција за бегалците

Бројот на сириски бегалци во Турција надмина 3.5 милиони
Loading...

Бугарија нема притисок на надворешната граница, што значи дека Турција ги исполнува обврските за бегалците кои се наоѓаат на нејзина територија, а Европската унија исто така ги исполнува своите обврски, смета вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија,Екатерина Захариева во пресрет на очекуваниот самит на ЕУ и Турција во Варна.

„Треба да го исполниме договорот со Турција за бегалците“, рече уште Захариева.„Потребен е дијалог, а не да зборуваме преку медиумите. Не очекувам поништување на оваа средба“, рече министерката во врска со изјавата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека средбата може да не се одржи доколку Турција не ги почитува добрите односи со Грција и Кипар.
Захариева ја коментираше и изјавата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган дека до овој момент Брисел исплатил само 800 милиони евра од ветените 6 милијарди евра за справување со бегалската криза.

„Парите се исплаќаат на Турција етапно. Според моите информации исплатени се 1,5 милијарди, а останатите се договорени и се доделуваат за конкретни проекти. Кога ќе бидат подготвени проектите, тогаш се исплаќаат парите“,  објасни таа.

Деновиве турскиот претседател Ердоган рече дека Анкара добила само 850 милиони евра од договорената прва транша од средствата што ги ветила ЕУ за да им помогне на околу 3,5 милиони бегалци, главно од Сирија кои се наоѓаат во бегалски кампови на нејзина територија, согласно спогодбата со ЕУ од пред две години со која е спречен бегалскиот бран кон Европа.

Уште 3 милијарди евра треба да бидат одобрени овој месец, потсети Ројтерс.