Loading...

Македонската заедница во Австралија на вчерашниот протест во Канбера му врачи писмо на амбасадорот Веле Трпевски наменето за државниот врв, во кое порачува дека „Европска унија и НАТО не се достојни за промена на името на државата и на идентитетот на македонскиот народ“.

„Ние, Македонците од Австралија, сме обединети и единствени во одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонската нација“, почнува прогласот со кој се бара од Владата повлекување на Законот за употреба на јазиците, „бидејќи не е во согласност со Уставот на Република Македонија и на изјавата на премиерот при доверувањето на мандатот за состав на Влада од 24 мај 2017 година“.

Понатаму, го отфрлаат Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

„Сè додека за Софија Македонија е дел од Бугарија, Македонците се Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, сметаме дека Договорот со Бугарија претставува велепредавство на нацијата и на државата“, се вели во писмото.

Македонците од Австралија отфрлаат и референдум за името, промена на Уставот и ратификација на меѓународен договор со цел промена на името на државата и на идентитетот на нацијата.

„Сметаме дека промената на името на државата и на идентитетот на нацијата не претставува демократија, слобода на мислата и нејзино јавно изразување, туку флагрантно кршење на меѓународното право и на Уставот на државата Македонија, најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува. Јавно прокламираме дека секоја одлука за промена на името на државата и на идентитетот на нацијата за Македонците во светот е ништовна, а учесниците во ова велепредавство кога и да е ќе бидат изведени пред судот на народот и на правдата и ќе бидат казнети со доживотен затвор и со конфискација на целиот имот на семејството , дома и во светот!“, пишува во прогласот.

Барајќи и итен прекин на разговорите со Грција за разликите за името, извинување од јужниот сосед „за историските и општествените неправди врз Македонците во Грција“, вклучувајќи и репарации и враќање на имотите, ослободување на притворените за настаните од 27 април, како и отфврлање на барањето до БПЦ да ѝ биде црква-мајка на МПЦ-ОА, македонската заедница во Австралија заклучува: „ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и на идентитетот на нацијата“.

На крајот се бара распуштање на Собранието и распишување вонредни парламентарни избори, „ако Владата не е способна да ги оствари горе наведените барања“.