Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на прес-конференцијата на 15 јануари истакна дека притисокот за решавање на спорот за името во 2018 година се должи на желбата на САД за проширување на НАТО и дека Грција не треба да направи важни отстапки за да го постигне ова.

Тоа е она што тврдокорните Грци сакаа да го слушнат, пишува „NewEurope“ во анализа за изгледите за решавање на грчко – македонскиот спор околу името.

Но, Скопје има малку алтернативи, освен да продолжи активно да работи за решение, бидејќи влезот во НАТО и пристапувањето во ЕУ се главните приоритети на новата власт на премиерот Зоран Заев.

„Раката на Вашингтон досега не беше видлива во поддршката на било каков договор, официјални претставници на САД се обидуваат да молчат“, но му даваат поддршка на долгогодишниот преговарачки процес, пишува авторот а анализата.

Не е јасно дали високите нивоа на администрацијата на Трамп имаат каква било вистинска посветеност на континуираното проширување на НАТО на Балканот, слична на она видлива во последните години на администрацијата на Буш, кога Грција, всушност, мораше да го блокира влезот на Македонија во Април 2008 на Самитот во Букурешт поради непостигнатото решение за прашањето за името.

Сепак, констатира „NewEurope“ не може да се сомневаме дека „Вашингтон работи напорно зад кулисите, барајќи од двете страни да постигнат компромис и да го поддржат, онаму каде што е можно, напорите на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, кој е во многу блиски оперативни контакти со Стејт департментот“.