Жерновски со тужба за неделникот Фокус

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски вели дека нападите врз него од неделникот „Фокус“ се лага и за тоа ќе ја бара правдата на суд.

„Всушност, ова е прилично едноставна работа: Вие како новинар на „Фокус“ тврдите дека е направена повреда во тендерската постапка (читај: направен е криминал), а јас тврдам дека не е така и дека податоците Ви се целосно погрешни. Сметам дека е сосема нормално и природно да реагирам и да се одбранам кога ме напаѓате (патем и клеветите), зарем не?

Едноставна е затоа што ќе се видиме на суд и тој ќе процени кој лажел. Она што е нерамноправно е фактот дека јас Ве „напаѓам“ со тоа што кажувам дека не сте во право, а Вие ме напаѓате дека има криминал и дека работам незаконски.

Има разлика, зарем не? Нерамноправно е кога Вие во рацете имате насловна страна, а јас морам да демантирам на Фејсбук и на портали. Има разлика, зарем не? Затоа, уште еднаш, спремете се за судско рочиште. Вчера Ви објаснивме каде точно Ви е клеветата, а и огромната (се надевам, не и намерна) грешка во текстот и во „анализата”, и тоа ќе Ви помогне да се спремите со дополнителни материјали.

Финансиски средства нема да барам, тоа е карактеристично за една друга група на политичари кои до вчера беа на власт, туку само ќе барам на Суд да се извините јавно, на истиот простор каде што го објавивте Вашиот текст. Ништо повеќе. Јас имам фамилија, и не сакам моите деца да мислат дека татко им е криминалец. Во тоа име, ќе се борам до крај“ вели Жерновски во пораката на Фејсбук.

SHARE