Руската репрезентативка Полина Кузнецова (30) ќе биде нов играч на Вардар на позицијата лево крило во следните две сезони. Кузнецова играше во екипата на Краснодар, но и заврши договорот и во Скопје доаѓа како слободен играч.

Во својата играчка кариера Кузнецова има настапувано за екипите на Волгоград, Лада Толјати, Звезда Звенигород, Астраханочка и Краснодар. Со екипата на Лaда беше првак на Русија во сезоните 2005 и 2006, а како дел на Звезда Звенигород го освои Купот на Русија во 2009, 2010, 2011 и 2014. Зад себе има и триумфи во ЕХФ купот во 2007 и Лигата на шампионите во 2008. година, повторно со Звезда Звенигород. Со тимот на Астраханочка беше првак на Русија во 2016. година.

“Среќни сме што вака добра ракометарка од светска класа реши својата кариера да ја продолжи во Вардар. Со Кузнецова повторно ќе имаме брзо и „убиствено” крило, и верувам ќе ги постигнеме заедно резултатите што ги посакуваме”, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Кузнецова на последните Летни Олимписки Игри во Рио беше прогласена за најдобро лево крило на турнирот. Во својата ризница има и два избора меѓу најдобрите играчи на СП 2007 и ЕП 2012. година. Нa ЛОИ во Бразил го освои златниот медал, а вицепрвак на Европа беше во 2006. година.

 

 

SHARE