„Заборавете на Македонија“, ни порача грчки херој од Втора светска војна

Манолис Глезос, еден од двајцата грчки студенти што ја симнаа свастиката од Акропол за време на нацистичката окупација, ја повика Владата на Грција да не потклекне на притисокот, ниту да потпише договор со северниот сосед што ќе го вклучува зборот „Македонија“.

Во напис за весникот „Катимерини“ тој ги предупредува и политичарите во Скопје да заборават на тој термин.

„Извадете си го од умот зборот Македонија во секаква форма и ставете збор што најдобро ги опишува вашата историја, вашиот јазик и вашата традиција“, порача Глезос, според кој Грција не треба да прифати компромисно решение само за да помогне во ширењето на НАТО на Балканот.

Левичарот и поранешен европарламентарец смета дека Грција е во тешка положба.

„Земја што им има предадено сè на своите кредитори, дури и својата национална независност, нема многу простор за реакција“, вели 95-годишникот.

Тој забележува дека на земјата ѝ недостига единство, тврдејќи дека владата и опозицијата се расправаат, но всушност тие се рамнодушни кон името на северниот сосед на Грција.

Глезос, кој на 30 мај 1941 година заедно со Апостолос Сантас се искачи на Акропол и ја симна свастиката, повикува на „мирен соживот со ПЈРМ“.

 

Оставете коментар