Интересен колаж од фотографии на „Твитер“ го наметнува прашањето како да се толкува поставувањето македонско знаме зад Ѓорге Иванов и Никола Груевски при нивните средби со Реџеп Таип Ердоган во Анкара, наспроти турското знаме зад Зоран Заев при неговиот неодамнешен прием кај претседателот на Турција?

Ако, евентуално, станува збор за грешка на протоколот на шефот на турската држава во случајот со премиерот Заев, кој се сретна со Ердоган на 12 февруари, за разлика од средбите со него на претседателот Иванов вчера и на поранешниот премиер Груевски во 2014 година, тогаш што ли значат сличните постапки со други државници?

Од приложените фотографии се гледа дека третманот на Заев со турско знаме зад него го имале и германската канцеларка Ангела Меркел, како и грчкиот премиер Алексис Ципрас, но не и рускиот претседател Владимир Путин, зад кој стои руско знаме, како што е редот.

„Има разлика!“ е коментарот на твитерџијата што ги ретвитна шесте „фотки“ со занимливи детали.