Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за германскиот неделник „Шпигел“ ја потврди подготвеноста на неговата Влада да прифати географска одредница, но тој е против непреводливо име, промена на Уставот и дебата за идентитетот.

„Не гледам рационални аргументи, сосема искрено. Како тоа треба да се случи практично, а да не се преведе нашето државно име? Треба ли да ја присилиме канцеларката Меркел или претседателот Доналд Трамп да каже, на пример, Северна Македонија (на македонски да го изговори тоа – н.з.)? Тоа ќе биде без преседан на меѓународно ниво“, одговори Заев на прашањето „што мислите за барањето од Грција да не се преведува името на меѓународно ниво – односно, да се користи само во македонската верзија?“.

„Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам причина да бараме да се измени Уставот, тоа би било некомпатибилно со нашето достоинство. На Грција ѝ треба сигурен партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени и промените исто така можат да се променат. Најважна гаранција за Грција е дека решението за спорот за името би било важечко. За тоа постојат меѓународните договори, кои се ратификуваат и потоа важат за меѓународните организации“, реплицира тој на констатацијата дека „Грција, исто така, бара Македонија да го промени името во својот Устав – односно, и внатрешно да се користи само името со додавката“.

Заев не сака да се води спор ни за идентитетот.

„Не, се разбира, не. Овој спор за името, или како што понекогаш го нарекувам, овој глупав политички проблем, едноставно, е пречка за развој на пријателски и добри економски односи меѓу нашите две земји и за сè пошироко отворање на границите во регионот во корист на сите негови граѓани“, вели тој во интервјуто.

Околу географската одредница Заев изјави: „Во минатото, тоа беше табу тема за нас. Сепак, како премиер на Македонија, сега можам официјално да објавам дека е прифатливо за нас, бидејќи тоа е факт. Македонија е историски регион лоциран во три земји: нашата земја, Грција и Бугарија. Нашата земја е северниот или горниот дел. Јужниот дел е во Грција, источниот во Бугарија. Ова се факти и не треба да сме против фактите. Бидејќи ние разбираме и прифаќаме дека Грците би сакале да има разлика, ние сме подготвени да прифатиме географска додавка“.

Премиерот „засега“ не планирал дополнителни гестови кон Грција по преименувањето на аеродромот и на автопатот.

„Не засега, но, се разбира дека сме подготвени да разговараме за сите проблеми што постојат. На пример, во иднина ќе работиме заедно во заеднички комисии за да ги преработиме учебниците по историја“, објаснува тој.

На прашањето дали Германија треба да посредува во спорот со Грција, Заев одговори: „Мислам дека двете страни – Македонија и Грција – можат да ги користат поддршката и охрабрувањето. Да се ​​изврши притисок на која било страна, нема да биде соодветен начин. Независна, суверена одлука во спорот за името никој не може да ни донесе“.

Претседателот на македонската Влада смета и дека би било „незамисливо“ разговорите со Грција околу разликите за името да завршат со неуспех.

„Не би се осмелил ни да помислам дека не може да има решение за спорот за името. Нашата земја игра централна улога во регионот на Западен Балкан. Ние сме мултиетничка земја, па кога има немир и нестабилност, тоа зрачи на целиот регион. Ние треба да го решиме овој спор, само тогаш ќе можеме да се развиваме, да се интегрираме во ЕУ, да станеме просперитетна земја и да имаме добро владеење на правото. Тоа е добро за целиот регион. Неуспехот е незамислив за Македонија, за целиот регион на Западен Балкан, а со тоа и за ЕУ“, смета тој.