Заев не давал, ама Ахмети инсистирал за Еленовски

Loading...

Според информации на „Дојче веле“, Владата вчера го назначила Лазар Еленовски за нејзин специјален пратеник за НАТО-интеграции во Брисел на инсистирање на ДУИ.

На Еленовски му заврши мандатот во Белгија пред осум месеци. Оттогаш лобирал кај СДСМ и ДУИ за нова функција во Белгија, бидејќи неговата сопруга останала да живее таму. Во таа насока, неговата СДУ склучува и коалиција со СДСМ за локалните избори и освои едно советничко место. Според извори на ДВ, премиерот Зоран Заев го одбил барањето на Еленовски да добие функција во Брисел, но тој успеал да помине кај лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Притисокот од ДУИ дал резултат и Еленовски ја добива посакуваната функција.

Еленовски е поранешен министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ и НСДП од 2006 до 2008 година. Пред формирањето на НСДП на Тито Петковски, Еленовски долги години беше висок функционер на СДСМ и раководеше и со партискиот подмладок. По раскинувањето на коалицијата во 2008 година, Еленовски ја напушта НСДП и формира нова партија Социјалдемократска унија (СДУ), чиј лидер е една година. Во 2007 година го напушта лидерското место во партијата, а Владата на Груевски го испраќа за амбасадор во Белгија.

„Во Владата не сакаат да го коментираат именувањето на Еленовски и упатуваат на официјалното соопштение во кое се наведува дека сметаат оти тој „ќе придонесе кон интегративниот пат на Република Македонија во НАТО“, пишува „Дојче веле“.