Заев планира да ја посети Атина на почетокот на новата година

Македонскиот премиер Зоран Заев за грчката новинска агенција АНА-МПА најави дека на почетокот на новата година планира да ја посети Атина.

„Во моментов ја планирам мојата посета на Атина. Се надевам дека на почетокот на новата година ќе се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, со претседателот на Република Грција и со грчките парламентарци. Нашиот став е овој: ќе бараме поддршка и помош од грчките граѓани и, нормално, преку институциите, од грчката Влада, од опозицијата и од грчкиот Парламент. Имаме на ум дека прашањето за името е чувствително прашање и воопшто не е лесно за грчките политичари. Сепак, сакаме да се обидеме да се разбереме и да поттикнеме решение што е прифатливо за двете страни. И двете страни да бидат еднакво среќни или еднакво несреќни. Тоа е компромис. Но, верувам дека ние како политичари ќе постигнеме повеќе ако имаме храброст да се најде решение и да се донесе одлука, а не да го одложиме, како во минатото. За мене е важно да се изгради ‘мост’ на пријателство и преку него се надевам дека ќе создадеме меѓусебна доверба со цел полесно да се најде решение дури и за такво чувствително прашање. Имајќи го ова на ум, мислам дека решението е веројатно. Ние треба повеќе да се грижиме за нашата иднина отколку за нашето минато“, изјави тој.

„За нас нема алтернатива надвор од ЕУ и НАТО. Овие шест месеци нашата влада значително ги подобри односите со соседните земји, во регионот на Балканот и во ЕУ и во НАТО. Имаме поддршка од земјите-членки, како и од нашите соседи. Склучивме договор за добрососедство и соработка со Бугарија и многу сме горди на тоа, бидејќи тој го отвори патот за трговија, инвестиции, култура и образование за нашата земја. Истовремено имаме подобрување на односите со Србија, Албанија и Косово, а се надеваме на сличен позитивен развој на настаните со Грција“, рече претседателот на Владата на Република Македонија.

Прашан за опсегот на концесии што ќе ги направи неговата земја и дали се согласува да го смени името на скопскиот аеродром, македонскиот премиер одговори: „Јасно е дека полесно е да се промени името на аеродромот отколку името на земјата“.

Конечно, на прашањето за можноста поранешниот премиер Никола Груевски да се најде на суд, Заев јасно стави до знаење дека тој не е приврзаник на политиката на одмазда, туку е застапник на независноста на правдата. Тоа значи, рече тој, дека ако има докази против него по многуте години како премиер, правдата треба да си ја заврши својата работа.

 

1 Коментар

Оставете коментар