Заев против Ахмети и Џафери за референдум за името

И покрај тоа што спикерот Џафери и лидерот на ДУИ Ахмети сакаат спорот за името да заврши со владина или парламентарна одлука премиерот смета поинаку.

Зоран Заев потврди дека што и да биде договорено со Грција во врска со спорот за името, ќе биде ставено на референдум за граѓаните да одлучат дали е за нив прифатливо. Притоа, инсистира дека речиси сите големи партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ имаат исти или слични ставови во врска со ова прашање.

– Сè што ќе правиме ќе биде проверено на референдум. И ние и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии имаме или исти или приближни ставови по тоа прашање. Ќе водиме грижа за нашиот идентитет, за достоинството на нашиот народ, но мораме да водиме грижа и за сегашните и идните генерации – рече Заев во Струга, каде се појави по повод празникот Водици.
Заев е уверен дека ќе биде изнајдено решение кое ќе го сочува достоинството и на Македонција и на Грција.

– Јас сум оптимист, верувам дека помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поблиски, ќе се изнајде решение каде ќе се сочува достинството на двете страни, а ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји – рече тој.

Премиерот уште предупреди дека за суштината на разговорите, предлозите и рамката што е испорачана не би требало јавно да се зборува за да не се уништат шансите во преговорите. Истовремено не го криеше задоволството од посетата на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и од, како што рече, охрабрувачките пораки што ги пренесе тој.

– Генералниот секретар испрати охрабрувачка порака, но истовремено тоа претставува и обврска за спроведување на реформите. Треба да ги сработиме реформите, тие не се услов за НАТО, но тие се услов за благопријатна состојба на граѓаните и нивниот живот. Треба да го сработиме тоа, знаете дека услов е решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, но се надевам дека оваа година Македонија може да ја добие поканата да биде 30-та членка на НАТО – рече Заев.