Посакувам и тоа не е само моја желба, туку и оние од нас кои се вклучени во преговорите, да се дојде до решение за спорот за името до крајот на март, рече македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за „Балкан Инсајт“.

Заев е сé уште убеден дека Алексис Ципрас „навистина сака да најде решение“, додека за Никос Котиас, тој забележува дека „прави напори“, пренесува „Катимерини“.

„Го имам истото чувство што ме води од почетокот, дека решението е изводливо, но во исто време сепак, ние сме убедени дека решението мора да го заштити идентитетот и достоинството на двете страни“, истакна тој.

За прашањето на можната потреба за ревизија на уставот, Заев вели дека „двете страни не треба да отвораат прашања што ќе го направат решението невозможно“, додавајќи дека тој „е искрено посветен на изнаоѓање на реалистично објаснување за грчкиот народ, затоа што тоа е обид за (изнаоѓање – н.з.) дефинитивно и долготрајно решение, а не некое „заобиколување“, манипулации или мамење на една или другата страна“, пренесува „Катимерини“.