Заев ќе ги враќа угледот и честа со ПИ-мерки

Премиерот Зоран Заев побара и доби можност јавноста сама да се увери дека од струмички бизнисмен не барал „едно евро за Вицето“.

Идниот понеделник јавноста ќе ја види целата снимка, на која, според Заев, ќе се види целата вистина и со тоа тој ќе ги врател загубената чест и углед.

Судот го прифати барањето на премиерот, обвинет во случајот „Поткуп“, како и на неговите адвокати јавноста да биде присутна во судската сала кога ќе биде пуштена видео снимката обезбедена преку посебни истражни мерки (ПИ-мерки), која се користи како доказ во постапката. Сепак, судењето е одложено и снимката ќе се гледа на следното рочиште.

Причина за одложувањето е тоа што во малата сала на Кривичниот суд нема услови за гледање на снимката. Поради тоа, следното рочиште е закажано за 26 март.

Обвинителите од СЈО беа против ова барање, бидејќи станувало збор за класифицирани материјали, а и препораките од МВР се снимките да се користат само за судење, но не и за јавно прикажување.