Првото сезонско кошаркарско дерби одиграно во Јане Сандански му припадна на тимот од Градскиот парк со 76-71 со што тој остана на беспрекорни 8-0 од почетокот на натпреварите во Првата лига, додека за Аеродромци кои се шесткратен последователен шампион на земјава, ова беше трет пораз, а сите се доживеани дома.
Егал дерби до средината на последната четвртина кога јасно се виде што значат добрите странци на Работнички кои беа најдобри кога се „кршеше“ средбата. МЗТ Скопје на спротивната страна не беше далеку од триумф, имаше и нерешено, но и водтсво во последните десет минути, но во моментите на одлука Дамјан Стојаносвки запре, а Бојан Трајковски беше вон ритам.
Најдобри поединци на дербито беа Американецот Гинијард со 20 поени и седум скока, Бугаринот Костов со 13 коша и 12 фатени топки, но и Крстевски со 16 поена. Кај МЗТ Скопје Дамјан Стојановски имаше 19, а Симоновски 18 коша.
Најголемиот дуел во нашата клупска кошарка конечно привлече пристоен број гледачи, около 3 илјади, а беше и од хуманитарен карактер бидејќи средствата беа наменети за лечење на легендата Стефан Гешовски.
„Сѐ уште е рано да се зборува за првенството, меѓутоа ова дерби си е дерби, наше си е, мора да го почитуваме и да го сакаме. Не му дозволивме на противникот да се разигра, бевме дисциплинирани во одбраната и дојдовме до осмата победа“, изјави тренерот на Работнички Марин Докузовски.

Оставете коментар