За Грците долгот е најголем проблем, а не името

Колку граѓаните на Грција навистина можат да се грижат за „македонското прашање“, за грчко-турските препукувања, за случајот Новартис, зголеменото беззаконие и отровот во политиката кога се загрижени за сопственит опстанок, прашува „Катимерини“.

Повеќе од 4 милиони од вкупно 11 милиони Грци должат над 100 милијарди евра даноци, а минатата година државата конфискуваше пензии, плати и имот од 180.000 луѓе. Заостанува речиси половина (49.9 отсто) од исплатата на кредити кон банките, а околу 1,3 милиони луѓе имаат долг од 26 милијарди евра кон фондовите за социјално осигурување.

Јавниот долг на земјата минатата година беше 318,3 милијарди евра. Но тој проблем станува уште потежок со фактот дека граѓаните и бизнисите се урнисани од даноци и долгови, додека банките остануваат замрзнати. Депозитите, кои во 2009 година достигнаа 237,8 милијарди евра, паднаа на 146,2 милијарди на крајот од 2017 година.

Како ќе се решат овие долгови е прашање во ситуација кога тројца, од десет работници, се ангажирани на скратено работно време и се платени помалку од 400 евра месечно, додека половина од домаќинствата зависат од пензиите?