За колку порасна цената на Ристовски по голот против Шпанија

Мајсторскиот гол на младиот македонски репрезентативец Стефан Ристовски кој ја претрча целата шпанска одбрана вредна стотици милиони евра и на крајот со прекрасен удар го совлада голманот Де Геа значително ќе ја зголеми неговата цена на светскиот фудбалски пазар.

Ристовски годинава е избран за најдобар десен бек во хрватското првенство во кое Риека по долга пауза стана шампион.

Овој играч на Риека кој официјално до крајот на месецот е играч на италијанскиот второлигаш Специја а на Кантрида игра како позајмен играч, до вчера во фудбалска Европа вредеше меѓу 1  и 2,5 милиони евра.

Првата сума за Ристовски ја даваше Спортинг од Лисабон и таа веднаш беше одбиена од сопственикот на Риека кој е истовремено и газда на Специја. Во текот на март за него се заинтересира и Сампдорија која се откажа откако за него беше побарано 2,5 милиони евра како оштета.

 

По вчерашниот гол кој Ристовски го постигна речиси сам против целата шпанска одбрана неговата цена е зголемена. Причината за тоа покрај неговата одлична игра е и тоа што мечот со Шпанија го следеше голем број на фудбалски работници во Шпанија и Италија која е иден противник на „црвената фурија“, како и голем број скаути и агенти.

Цената може да биде поголема и поради тоа што голот на Ристовски е еден од најубавите што беа постигнати на вчерашните квалификации за СП во Русија по што тој беше постиран од илјадници луѓе на социјалните мрежи не само во Македонија и Хрватска.

Според неофицијалните најави од пред некоку недели Ристовски од Риека може да замине за најмалку 4 милиони евра. По вчерашниот гол на десниот бек чија главна задача е одбраната оваа сума сигурно ќе биде повисока.