Секоја паралела на Социјалдемократски сојуз на Македонија со Исламска држава или со Талибанците, каква што направија од најголемата опозициска партија како реакција на уривањето на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, е тенденциозна, злонамерна и ни оддалеку не соодветствува на вистината.

Прво, како општествено одговорна, прогресивна и визионерска политичка сила, наследник на некогашната авангарда на работничката класа Сојуз на комунистите на Македонија, ем Партија за демократска преобразба, СДСМ отсекогаш го правела токму тоа – го преобразува општеството, секогаш тргнувајќи од чистење на сопствениот двор. За разлика од Талибанците, кои урнаа статуи на Буда во Авганистан, спротивно и на исламските фундаменталисти што го уриваа античкиот град Палмира во Сирија, двете пресметувајќи се со наследство на (за нив) туѓи култури, социјалдемократите се пресметуваат само со историскиот баласт на сопствениот народ, кој не му дава конечно да се ослободи од стегите на национализмот и да тргне напред.

Нема зошто Македонците да се идентификуваат со контроверзни личности од типот на Ќосето, уште помалку да го „својатаат“ Александар Македонски, непотребно предизвикувајќи гнев и презир кај отсекогаш добронамерните соседи, кога можат да – садат дрва. Додуша, не во рамките на акцијата „Ден на дрвото“, која со право беше оценета како непродуктивна и обично расфрлање пари на даночните обврзници, ами во рамките на оригиналната идеја на градскиот татко Петре Шилегов малку да се свртиме и на исток, па да посадиме дрво од видот гинко, како дел од јавната набавка на дрвја за смешни 650 илјади евра.

За „орелот“ со натписот УЧК на кружниот тек во Топаана и оној на „Пластичарска“, како и за спомениците на балистите во Западна Македонија, за кои недобронамерните квази историчари со години лажат дека биле соработници на фашистичкиот окупатор во Втора светска војна, а тие да ти биле борци за човекови права како оние од 2001 година, кои убивале и киднапирале исклучиво во самоодбрана од Славомакедонците, нека му мисли коалицискиот партнер од албанскиот блок. Ние важно да си го исчистиме ѓубрето во сопствениот двор, за туѓиот не треба да нè интересира. Впрочем, соживотот подразбира толеранција или, како беше она, активна мирољубива коегзистенција…

Втора разлика со ИСИС и со Талибанците што е видлива и од авион е секако срдечниот однос на СДСМ со нашите пријатели во Брисел и во Вашингтон, а успеаја да го шармираат дури и јужниот сосед. За двете злосторнички организации нашите стратешки партнери имаат само вистински бомби, за разлика од бомбардирањето на нашата владеачка гарнитура со комплименти за извонредниот прогрес на сите полиња во овие речиси десет месеци на власт. Кога си го знаете местото, имајќи предвид колку сте мали и немоќни, а тие големи и силни, како што катадневно другарски нè советуваат Ружин, Фрчкоски и плејада други вистински експерти, наспроти „суријата“ квази интелектуалци што злобно ја мати водата тамам кога почна да се избиструва, тогаш не само Хан и Могерини, ами и Столтенберг, Јункер и лично Меркел ќе ве потапкаат по рамото, со нетрпение чекајќи да ве видат во големото и среќно евроатлантско семејство.

Трето, токму односот кон неистомислениците експлицитно ги диференцира СДСМ од една страна и ИСИС и Талибанците од друга. Додека дивјацине колат пред камери, живи ги горат непријателите, силуваат и бестијално се изживуваат, на тие што не мислат како социјалдемократите ни влакно не им фали од главата. Никој од нив не е убиен, скраја било, дури и поголемиот дел од терористине од Собрание видоа затвор одвај по три месеца, а професоркине и оние 200 потписници на фамозното писмо, кои грешат дури и кога се во право во врска со името, незаслужено добија реклама каква што можат само да сонуваат. Тамам дојдовме на прагот на рајот, Заев, Османи, Димитров и Шеќеринска изгинаа убедувајќи ги белосветските центри на моќ да нè примат нас некадарнициве кај нив напредните, а неблагодарнициве се фатиле за некакви идентитетски тривијалности, карактеристични за 19., а не за 21. век, во кој е нормално и полот да се смени, а не па нешто толку небитно како што е име на држава.

Има уште мал милион други аргументи што го раздвојуваат СДСМ од ИСИС и од Талибанците, колку и да се пенават од ВМРО-ДПМНЕ и од некои други националистички кругови така да ја претстават владеачката партија. Наместо да ја ценат транспарентноста во донесувањето на одлуките што не само што ќе ѝ ја сменат иднината, туку и личниот опис на државата, наместо да се вклучат во отворената дебата за сите прашања што ги тангираат граѓаните, кои власта ги слуша буквално за сè (дури и 50-ка повторно поминува низ ГТЦ), наместо да се благодарни за подобрената бизнис клима и за неброените инвестиции во овој кус период, наместо да уживаат во ослободувањето од заробената држава, тие само нешто „мрчат“. Ништо не им чини. Затоа и ќе останат заробени во минатото, а ослободителите од прангите на лажната дилема дали е поважно кој си и што си од тоа како (ќе) живееш ќе сркаат од медот и млекото што во буици ќе потече кога ќе влеземе во НАТО, а, здравје боже, еден убав сончев ден и во ЕУ.