За судиите нема друг спас освен „Бенгалорски правила“

Целосна примена на ткн „Бенгалорските начела“ е една од предвидените активности на македонското Здружение на судии со кои треба да се овозможи целосна професионалност, непристрасност и ефикасност на македонските судии.

Бенгалорските начела на судско поведение сè повеќе се прифатени од страна на различните сектори на глобалното судство и од меѓународните агенции заинтересирани за интегритетот на судскиот процес, се вели во анализата на специјализираниот портал за судски и правни теми академик.мк

 

Во однос на начело на независност, во Бенгалорските начела се вели дека судиската независност е предуслов за владеење на правото и основна гаранција за правично судење. Затоа секој судија треба да ја поддржува и да ја покажува и од индивидуален и од институционален аспект.

Непристрасноста, се истакнува во начелата, е од суштинско значење за правилно функционирање на судиската функција. Таа се однесува не само на самата одлука, туку исто така, и на процесот во кој е донесена одлуката.

Интегритетот е од големо значење за исправното вршење на судиската функција, а начелото на коректноста е од суштинско значење за извршување на сите активности на судијата. Потребно е да постои коректност и таа коректност треба да биде видлива.

Еднаквоста, се посочува во начелата, подразбира обезбедување еднаков третман за сите пред судовите, што е од суштинско значење за очекуваниот успех на судиската функција.

Во однос на начелото за стручност и совесност се нагласува дека стручноста и совесноста се предуслови за очекуваниот начин на извршување на судиската функција.

Бенгалорските начела на судско поведение се додадоа како анекс на извештајот за независноста на судиите и адвокатите на педесет и деветтата седница на Комисијата за човекови права на Обединетите нации која се одржа во април 2003 година.

На 29 април 2003 година, Комисијата едногласно ја усвои Резолуцијата 2003/43 која ги призна Бенгалорските начела на судско поведение и ги понуди „за разгледување на земјите членки, релевантните органи на Обединетите нации и меѓувладини и невладини организации“.

На Основните принципи на Обединетите нации за независноста на судството, се повикува и македонскиот Кодекс на судиска етика, во кој се вели дека принципите на ОН  се осмислени да ја обезбедат и унапредат независноста на судството.

Во однос на судската независност, покрај целосната имплементација на Бенгалорските начела, од Здружението на судии ја констатираат потребата од зголемување и зајакнување на судската независност и потребата од надградување на правната рамка со која се обезбедуваат гаранциите  на судската независност.

Во насока на судската независност, велат од Здружението на судии, потребна е и промоција на судски активизам, односно зголемување на влијанието на Здружението над законодавната власт, во делот на законите од областа на судството.

Понатаму, додаваат од Здружението на судии, неопходно е зајакнување на судскиот менаџмент, односно лидерството и развивање релевантен дијалог со Судскиот совет на РМ и воспоставување соодветен баланс помеѓу независноста и одговорноста на судиите.

Исто така, потребно е воспоставување практика на отчетност на членовите на Судскиот совет, избрани од редот на судиите (Собрание на судии или друг начин) и изнаоѓање и етаблирање индикатори за мерење на судската независности перцепцијата за судството.

SHARE