Loading...

Во Пјонгчанг во минатиот ден, а тој беше 11. на собирот, најуспешни беа Канаѓаните, кои ги освоија златните медали во првите завршени дисциплини. Спортската двојка Теса Виртју и Скот Моар беше феноменална во слободната програма во уметничко лизгање и со мала предност го одбрани олимпискиот подиум. Зад нив останаа Французите Габриела Пападакис и Гијом Сизером, односно Американците Маија и Алек Шибутани.

Второто злато денеска за канадската селекција дојде од слободното скијање од дисциплината женски хафпајп, во кој доминираше Кеси Шарп, а поставеноста на знамињата беше иста како и на уметничкото лизгање. Така, зад Шарп останаа Французинката Мари Мартино и Американката Брита Сигурни.

Причини за радост и гордост денеска имаат и Французите, кои беа најдобри во микс трката во „Алпензија бијатлон центар“, микс каде во комбинација на две девојки кои трчаа по 6 километри и двајца мажи по 7,5 км, Мартин Фуркад го освои третото злато на овие Игри. Зад триколорите останаа Норвешка и Италија.

Во нордиска комбинација, која содржеше скокови од големата скокалница и 10 км крос-кантри, Германците ги освоија сите одличја. Најсјајното му припадна на Јоханес Риџек, среброто на Фабијан Рејсл, а бронзата на Ерик Френцел.

Конечно, во женската штафетна трка долга 3.000 метри во брзо лизгање (шорт-трек) победи Јужна Кореја, пред Италија и Холандија.

На пет дена до крајот на 23. зимски олимписки собир во Пјонгчанг листата на освојувачи на медали содржи 27 имиња, а само пет од нив не се европски. Напред сè уште е Норвешка со 29 медали, од кои 11 злата, пред Германија со ист број на први места, но помалку сребра и бронзи. Следат Канаѓаните, Холанѓаните и Французите, Американците се шести, а Русите дури 20.