Зорица Чавкова: Јас сум горда на својот татко, тој не е терорист!

Зорица Чавкова, ќерка на притворениот поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста имаше емотивно обраќање на вечерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас сум Зорица Чавкова, ќерка на Митков Чавков, горда на своето презиме, горда на својот татко. Што и да направат, каква монструозна приказна и да измислат, нема да го сменат тоа. Јас сум горда на своето презиме. Мојот татко не е терорист. Не се терористи ниту неговите колеги, кои работеа долги години во Министерството за внатрешни работи. Се бореа за безбедноста на оваа држава, за безбедноста на граѓаните на Македонија. Не се терористи ниту Игор Дурловски, ниту Борис Дамовски, ниту Богдан Илиевски. Го знам тоа јас, го знаете тоа и вие, цела Македонија го знае тоа. Не се терористи!“, низ солзи порача таа.

„Денеска пред шалтерите на затворот ‘Шутка’ ја сретнав мајката на Борис Дамовски. Ниту знае каква му е здравствената состојба, ниту знае дали му е нешто потребно, ниту знае дали се чувствува безбеден. Не ѝ дозволија да му ги достави најнеопходните работи. Ја бркаа брутално. Госпоѓо Луција, главата горе! Јас и моите најблиски и семејствата на останатите притворени ќе се бориме секој ден за оваа мизерија да ја дознае целиот свет, да дознаат сите ширум светот како се третираат нашите патриоти“, додаде со растреперен глас ќерката на ексминистерот.

„Институциите во земјава моментално молчат. Под притисок се. Страв им е да преземат што било. Молчат. Сето ова што ни се случува денес ќе остане само лош сон, тоа ви го ветувам на сите. Историјата и народот секогаш ќе ги слават патриотите, а не оние кои кукавички, заради разно-разни интереси, се обидувале да подметнат и да наместат некого. Почитувани граѓани, мојот татко се вработи во полицијата пред 30 години, ги помина сите скалила – од инспектор, преку директор за Бирото за јавна безбедност до министер. Зад него стојат десетици признанија, и домашни и меѓународни за сè што има сработено на полето на безбедноста. По секоја успешно завршена акција нашето семејство се справуваше со безброј закани. Сигурна сум дека ист придонес за оваа држава имаат и останатите за кои сега се обидуваат да нè убедат дека се терористи. Не се терористи!“, кажа во продолжението Зорица Чавкова.

„Мојот татко нема ништо сторено за да заслужи ваков третман. Немаат ништо сторено ниту останатите. Единственото нешто за кое се виновни е што си ја сакаа Македонија. Срамно е да се даваат наредби за упад во нашите домови во утрински часови, да се третираат нашите најблиски како терористи, а во исто време да се ослободуваат криминалци кои се товарат за тешки убиства. Единствено нешто што пронајдоа во нашиот дом беше телефонот на татко ми и службениот пиштол. Зарем тоа е најопасното оружје и најдобриот доказ за да можат да докажат дека е терорист, зарем телефоните на Дурловски, Дамовски, Илиевски или на кој било од другите приведени се најопасното оружје и доказ за да ги третираат како терористи? Ова е срамна конструкција од која подоцна ќе се срамат, ќе се срамат и ќе се оградуват, меѓусебно ќе си ја префрлаат одговорноста. Зарем има подобар доказ за неправда и реваншизам и од сликите што излегоа од најблиските? Сликите во затворот, сликите во судницата, зарем слушнале за презумпција на невиност? Политичарите од актуелната власт молчат. Ви благодарам за поддршката што ни ја давате, ви благодарам од мое лично име, од име на моите најблиски, од името на татко ми, од името на семејствата на останатите притворени. Ви благодарам вечерва што сте овде. Се гордеам со своето презиме, се гордеам со својот татко Митко Чавков“, заврши ќерката на притворениот поранешен прв полицаец.

Оставете коментар